Домаќинствата што се затоплуваат со фосилни горива и дрва ќе можат да побараат државна помош за набавка на филтри на оџаците. Одлуката за субвенција за инсталирање беше разгледана на денешната владина седница.

– Гасификацијата е процес кој ќе трае подолго, нема да имаме брзи резултати. Можеби треба да размислиме по истиот принцип, како што субвенционираме за клима-уреди, топлински пумпи и за субвенционирање сметки за социјално ранливи категории, да им обезбедиме филтри на оџаците на пет до десет илјади домаќинства што користат фосилни горива, односно дрва – истакна премиерот Христијан Мицкоски и изрази убедување дека мерката ќе го олесни, односно растовари семејниот буџет.

Владата мапирала околу 500 државни објекти што користат фосилни горива или дрва и ќе се оди и таму да се инсталираат филтри со што би го намалиле загадувањето.

За жал, ништо не е направено овие 35 години. Очекувам одредени невладини активисти, со почетокот на грејната сезона, повторно да се борат за воздух, иако изминатите седум години никаде ги немаше. Затоа ќе се обидеме да антиципираме однапред да видиме колку можеме сега. Треба само да видиме со законодавството дали е тоа дозволено имајќи предвид дека сме во избори и дека изборите се веќе распишани, а ова би било вонредна мерка подвлече Мицкоски.

Оваа мерка во Србија се применува од лани, а продолжи и оваа година. По примерот на Белград, од „02 Иницијатива“ лани ја предложија оваа мерка дека може да се примени во Скопје и во градовите низ Македонија каде има големо аерозагадување во текот на зимските месеци. Активистката на „02 Иницијатива“, Татјана Чакулев, претстави податоци од Државниот завод за статистика, според кои се урива митот дека индустријата е таа која со најголем процент го создава загадувањето на воздухот. Домаќинствата и згревањето на домовите со дрва и преработки од биомаса, се издигнаа на врвот на загадувачи, поради што, од „02 Иницијатива“ сметаат дека субвенционирањето на поставувањето на филтри на оџаците може да биде добро решение за загадувањето.

Овие филтри се поставуваат внатре ако може, ако не може, тогаш се поставуваат на оџакот надвор, работат механички. Има такви филтри, се изработуваат во Турција, а ги изумил и дизајнирал Македонец. Но, нема организирано поставување на овие филтри, треба локалната самоуправа да преземе мерки или тоа да биде на централно ниво. Ако се купи индивидуално, овој филтер чини 120 евра, ако е малку поголема продажбата, цената паѓа на 100 евра, ако е уште поголема, на 50 евра објасни Чакулев.

Како илустрација за изводливоста на оваа иницијатива, како што образложи активистката, е примерот со Белград.

Пресметката за Скопје, конкретно за Град Скопје (сите општини) е околу 40.000 домаќинства. Тоа би чинело околу 2,5 милиони евра, со тоа што државата нема да ги субвенционира сите. Тоа би било врз основа на примањата на граѓаните и некои би се субвенционирале целосно, некои делумно, некои кои не можат да си платат, сами би си набавиле. Белград планира за 2025 и 2026 година да ги инсталира овие филтри. Тие се од лим, не се менуваат, одржување нема, само треба да се исчистат кога се тресат ќумците изјави Чакулев.

Според „02 Иницијативата“, кај нас проблем се и домаќинствата, кои се загреваат на пелети бидејќи нема контрола на квалитетот на пелетите и најлошо е што се гори и отпад, стари чевли и слично, што е многу опасно прво за семејствата, а после и за околината.

Инаку, Град Скопје неколку години по ред објавува(ше) јавни повици за субвенции за редовно годишно одржување оџаци. Субвенциите се однесуваа на жителите на град Скопје (општини Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај), а субвенциите се валидни за чистење на оџакот на истата адреса по личната карта.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ