– Работиме за „Македонска пошта“, како државна пошта, конечно да ја издигнеме со квалитет и да обезбедува најквалитетни услуги на пазарот. Иако Македонија ја следи европската практика за регулација на поштенскиот пазар, таквата работа создава главоболка во услови кога државната пошта, како општествена компанија, реализира услуги кога никој друг не го прави тоа. Затоа Владата ќе донира 100 нови возила за Пошта, а се размислува за законски измени со кои ќе се променат работите – истакна вицепремиерот Александар Николоски на јавниот состанок на Агенцијата за пошти.

Како што потенцира, целта е да се заштити државниот капитал, да се издигне Пошта на поквалитетно ниво и да се избегне практиката на претходните влади, кои сакале да го продаваат државниот капитал.

– Ние би сакале „Македонска пошта“ да расте и да напредува и овие директиви, во услови кога не сме членки на ЕУ, ни создаваат главоболки во делот на државната пошта, затоа што, да бидеме фер и отворени, многу е лесно да се земе дел од пазарот што одговара, а „Македонска пошта“ да има општествена одговорност и, на пример, да носи писма во услови кога никој друг не го прави тоа. Или сите подеднакво ќе го носат товарот или ќе носиме други одлуки, затоа што мојата намера е да се крене Пошта, а не вака да пропаѓа како што пропаѓа. И во таа насока, повторно доаѓаме до ЕУ, а тоа е барањето во Планот за раст: да се подобри ефикасноста на услугите и намалување на трошоците за 15 %, како и подобрување на индикаторите за профитабилност за 15 %, што во условите што ги кажав претходно, не можеме да ги оствариме. Да најавам дека ќе има законски измени што ќе одат во насока да се променат работите – истакна Николоски.

Тој најави нови инвестиции во државната пошта.

– Во следниот еден месец, Пошта ќе добие, како донација од Владата, 100 возила, од кои 90 се помали комби возила и 10 поголеми возила, а, исто така, работиме на една програма за помош во делот на софтверот, „сортирките“ за работа и просторните услови за да ги доведеме до ситуација да даваат најдобри услуги на пазарот. Во таа насока, соработката со Агенцијата има клучна улога и мислам дека треба да соработуваме – рече Николоски.

Според него, е-трговијата ќе зема сè поголем замав, како тренд за кој приватните пошти треба да се борат на пазарот.

Во моментот, на домашниот пазар работат 29 правни лица, од кои 28 приватни пошти и АД „Пошта на Македонија“, како државна компанија со индивидуална дозвола за обезбедување универзална услуга.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ