Владата како фудбалски судија – кој ќе даде гол, работодавачите или синдикатите?!

Владата не е против зголемување на минималната плата, но тоа мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите. Работодавачите велат дека на маса се повеќе модели како можеме да ја зголемиме минималната плата, а еден од нив е доколку се зголеми минималната плата, придонесите да останат исти.  Но, реалната состојба, според Државниот завод за статистика и на Централниот регистар, е дека профитите на македонските компании се помеѓу 2 и 3 отсто, така што енормно зголемување на минималната плата во овој момент е невозможно. Синдикатот бара зголемување на минималната плата поради зголемените трошоци за живот, во спротивност, најавува порадикални чекори

114

Нема договор за зголемување на минималната плата. И покрај тоа што се очекуваше дека социјалните партнери – Владата, работодавачите и синдикатите ќе си подадат рака за зголемување на минималецот и ќе ги израдуваат работниците пред Нова година, сепак, тоа не се случи. Но, добро е што на оваа седница на Економско-социјалниот совет ставовите околу ова прашање се приближија, а Владата остана отворена за можноста за зголемување на минималецот. Министерот за економија, Бесар Дурмиши, истакна дека Владата не е против зголемување на минималната плата, но во моментот не е оправдано интервентното зголемување и ќе се чека на мартовското усогласување кога минималната плата би се зголемила од 1.500 до 2.000 денари. Владата останува на ставот дека ќе поддржат зголемување доколку за тоа се договорат синдикатите и работодавачите.

– Како Влада, никогаш не сме биле против зголемување на минималната плата. Сепак, според нашите индикатори, во вакви економски услови нема оправданост за интервентно зголемување на минималната плата пред редовното усогласување во март, кое е јасно утврдено со закон, и кое би било помеѓу 1500 и 2000 денари, поточно ќе знаеме по Нова година, рече Дурмиши.

Според него, нагло и непланирано зголемување на платите без поврзаност со продуктивноста и економските капацитети би создале дополнителен притисок врз малите и средни претпријатија, како и ризик врз работните места.

– Економските параметри не покажуваат дека треба да интервенираме директно, зошто ќе се соочиме со зголемување на инфлацијата, малите и средните претпријатија ќе се соочат со економски проблеми и ќе бидат присилени да ги испуштат вработените што не е во интерес на работниците и државата. Секогаш сме велеле синдикатите и работодавачите да седнат и да се договорат, додаде Дурмиши.

Министерот додава дека секое зголемување на минималната плата без економска оправданост ќе предизвика проблем и ќе имаме зголемување на инфлацијата.

– Нашите проекции се инфлацијата да биде под 3 проценти, што значи стабилизација. Ќе се соочат фирми со проблеми. Но, ако имаат заеднички договор на синдикатите и со работодавачите, ние ќе се согласиме. Сакаме и ние, како влада, минималната плата да биде 1000 евра. Во Бугарија, Албанија, Турција, минималната плата е помала од нашата. Работиме да расте минималната плата, но гледаме тоа да биде одржливо и да расте и економијата, вели тој. Економските параметри не покажуваат дека треба да интервенираме бидејќи ќе се соочиме со зголемување на инфлацијата, а малите претпријатија ќе се соочат со финансиски проблеми и ќе мора да отпуштаат работници, изјави Дурмиши.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Владата не е против зголемување на минималната плата и оти нејзината заложба е платите да растат и трудот да биде соодветно вреднуван. Но, како што истакнува, цврсто се убедени дека таквото зголемување мора да биде резултат на заедничка согласност меѓу работниците и работодавачите, постигната преку социјален дијалог и врз основа на реалните економски можности.

– Нашата цел е јасна – посилна економија што создава вредност, отвора нови работни места и обезбедува достоинствен животен стандард за секој граѓанин. Економскиот пораст што го градиме мора да биде инклузивен и правичен, а резултатите од тој пораст мора да се почувствуваат кај работниците, но и да обезбедат стабилност и конкурентност за компаниите. Во тој контекст, прашањето за минималната плата е исклучително важно и чувствително, рече Мицкоски.

Според него, порастот на платите мора да биде во согласност со потенцијалите и со капацитетите на економијата, а не да биде наметнато. Во таа насока најави дека следната година ќе биде година на борба за подобар животен стандард.

– Затоа паралелно со разговорите за минималната плата, мора да работиме на зголемување на продуктивноста, поддршка на бизнисите, инвестиции во технологија, иновации и човечки капитал. Само така ќе создадеме услови платите да растат континуирано, без да се загрозат работните места или конкурентноста на компаниите, вели Мицкоски.

Тој верува дека преку дијалог можеме да дојдеме до решенија кои ќе обезбедат подобар стандард за работниците и здрава деловна клима за работодавачите.

Претседателот на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, рече дека нема конкретен договор за пораст на минималецот, но социјалните партнери се договорија дека ќе продолжат да се договараат.

– Се надеваме дека во овој период до законското усогласување на минималната плата имаме шанси да преговараме. На оваа седница на ЕСС имаше разговори за повеќе модели како можеме да ја зголемиме минималната плата. Еден од нашите предлози, кој е во рамките на Законот за работни односи, е да се прошири колективното договарање со што ќе се вклучи и зголемување на минималната плата во одредени сектори. Ние сметаме дека со договор за минимална плата во одредени сектори може да се намалат и злоупотребите. Топката е помеѓу работодавачите и синдикатите. Премиерот покажа интерес за зголемување на минималната плата поради зголемени приходи во Буџетот. Но, реалната состојба според Државниот завод за статистика и на Централниот регистар е дека профитите на македонските компании се помеѓу 2 и 3 отсто, така што енормно зголемување на минималната плата во овој момент е невозможно, изјави Бошков.

Според него, и покрај тоа што има шанса работодавачите и синдикатите да се договорат до март, сепак, не верува дека ќе има зголемување на минималецот пред законското усогласување во март.

Синдикатот бара зголемување на минималната плата поради зголемените трошоци за живот, во спротивно најавува порадикални чекори.

– Кога ја добивме поканата, не беше предвид да се разговара за минималната плата. Веројатно некој сакаше да си честитаме Нова година. На барање на ССМ се разговараше и плус за колетивното договарање. Внатре слушнавме лицитирање со зголемувањето на минималната плата – 600, 700, 800, дури и илјада евра. Владата и работодавачите нека седнат и нека се договорат за кој износ се подготвени да ја зголемат минималната плата и да не повикаат нас, синдикатите. Предлагаме да го направат тоа најбрзо што може за да си ја честитаме Новата година на поинаков начин. Сите други синдикати внатре, за жал, беа неми и ја поддржаа Владата, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Тој ги повика работниците да им дадат поддршка во следниот период, за следните чекори кои ќе ги направат, зашто ако не се слушне јазикот на аргументите, ќе се слушне јазикот на работниците на друго место. Според него, нема расположение за зголемување на минималната плата од први јануари.

– Од први јануари, 500 евра минимална плата во Албанија, од јуни 500 евра во Косово, 550 евра во Србија, да не зборуваме за Босна и Херцеговина, таму минималната плата ќе биде колку просечната во Македонија, исто така и тоа не се доволни аргументи за нашите социјални партнери. Денеска бевме двајца претставници од ССМ наспроти дванаесет колку што бори Економско-социјалниот совет, додека колегите од другиот синдикат беа дека моментално треба да се почитуваат законите и како знаат работниците нека се снаоѓаат и нека преживуваат во наредниот период. Загрижени сме од ваквата состојба, загрижени се и работниците, Нова година ќе ја дочекаат како најсиромашни на Балканот и најсиромашни во Европа, додаде Трендафилов.

Синдикалците бараат брзи решенија, особено во делот на запирање на, како што велат, суспендирањето на колективните договори преку последните законски измени.

Синдикатот е дециден – ако нивните барања бидат игнорирани ќе го искористи целото расположливо оружје гарантирано со Уставот и законите и ќе излезе со протести.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ