Владата ја отвори вратата за инвестиции и за извоз на македонските компании во Дубаи

Владата ја отвори вратата за инвестиции и за извоз на македонските компании во Дубаи. Порастот на БДП, градежништвото, туризмот и земјоделството се добра препорака за арапските инвеститори кои сакаат да ја продлабочат соработката со македонските компании. Во Дубаи има 52 регистрирани компании од Македонија, а трговијата меѓу двете земји во 2024 година достигна вредност од 52,2 милиони долари. Директорот на Стопанска комора на Дубаи, Мохамед Али Рашед Лута, рече дека има голем потенцијал за соработка во повеќе области и дека преку соработката со Дубаи, македонските компании може да го зголемат својот пораст на глобалните пазари како оние во Африка

206

Премиерот Христијан Мицкоски ја отвори вратата за нови инвестиции од Дубаи и на директорот на Стопанската комора на Дубаи, Мохамед Али Рашед Лута, му порача дека ние сме нов пазар и дека сакаме да соработуваме и да се развиваме. Во тој контекст, тој посочи повеќе факти дека имаме пораст од преку 3 проценти на БДП, забрзување на градeжништвото, пораст на туризмот, земјоделството…. Мохамед Али Рашед Лута рече дека има голем потенцијал за соработка во повеќе области и дека преку соработката со Дубаи македонските компании може да го зголемат својот пораст на глобалните пазари како оние во Африка, на супсахарскиот континент.

– Приоритет на нашата Влада од самиот почеток е економската стабилизација на земјата. Би сакале да се претставиме како Влада ориентирана кон бизнис, која сака да донесе што е можно повеќе странски директни инвестиции и да ги поддржи домашните инвестиции. Резултат на тоа е значителниот пораст во втората половина од минатата година и првата половина од годинава, споредно со истиот период претходните години, нагласи Мицкоски.

Ги забрзуваме градежништвото, туризмот, земјоделството и значително внимание му посветуваме на извозот на земјоделски производи, рече Мицкоски, оценувајќи дека досега добро оди, но и дека, секако, сè уште има простор за подобрување.

– Засега ја консолидиравме економијата и создадовме добра бизнис-клима. Веќе нема политичари што вршат притисок врз бизнисите и ова е нешто што е многу важно за земјата, имајќи го на ум искуството од минатото, што беше голем проблем за бизнис-заедницата. Мојот прв чекор беше да ги ослободам бизнисите од надворешните политички притисоци и да им дозволам да растат слободно и тоа е нешто што додава вредност на нашата економија досега, изјави Мицкоски.

Посочи дека овие бројки не се многу големи, но ако се анализира европскиот пазар, што е наш најголем трговски партнер, можеме да заклучиме дека имаме навистина неверојатно достигнување, со оглед на предизвиците со кои се соочува, рече Мицкоски.

– Сметам дека засега нудиме добри решенија и ги поддржуваме нашите извезувачи на европскиот пазар. Сè уште сме мошне конкурентни и сметам дека вашата идеја да се најде друг прозорец за можности, особено на африканскиот пазар, кога станува збор за резервни делови за автомобили, е навистина добра идеја. Тука имаме и претставници од тој дел, подоцна ќе имате и состаноци со нив и може да навлезете повеќе во суштината на овој предлог, рече Мицкоски.

Туризмот е дел од нашите приоритети, рече Мицкоски, посочувајќи дека во последните седум месеци од почетокот на годината имаме пораст од 15 проценти на посетители и десет проценти на бројот на преноќувања.

Главниот извршен директор на Стопанската комора на Дубаи, Мохамед Али Рашед Лута, рече дека оваа средба ја претставува нашата заедничка посветеност на продлабочување на нашето партнерство.

– Во периодот меѓу 2020 и 2024 година трговијата меѓу нашите пазари достигнува вкупно 495 милиони американски долари и овој долгорочен тренд е тренд на позитивен ангажман и растечки можности. Ова е добра пригода да дојдеме до поголеми бројки од што ќе имаат придобивка двете нации, изјави Рашед Лута.

Дубаи, посочи Рашед Лута, нуди бизнис-средина што е поволна за инвеститорите со инфраструктура од светска класа и неспоредлива глобална поврзаност и динамичен дигитален екосистем.

– Бизнисите од Дубаи имаат значаен интерес да ги разберат можностите што ги нуди Македонија, укажувајќи дека очекува да започнат ангажман со приватниот сектор што ќе дојде до заеднички платформи за соработка и пораст на бројките. Подготвени сме да ги поврземе нашите деловни заедници, да олесниме партнерства и да понудиме заемни придобивки, посочи тој.

Трговијата меѓу Дубаи и Македонија во 2024 година достигна вредност од 52,2 милиони долари, а бројот на македонски компании регистрирани како активни членки на Коморите на Дубаи достигна 47, што одразува годишна стапка на пораст од 52 отсто. Дополнителни пет компании од Македонија се приклучија на Коморите во првиот квартал од 2025 година, со што вкупниот број изнесува 52 компании.

 

ИЗДВОЕНИ