вторник, февруари 3, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Владата и ЕК разгледаа решенија за непречен транспорт во Шенген зоната

Владата и ЕК разгледаа решенија за непречен транспорт во Шенген зоната

226

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков, денеска одржаа конференциски состанок со претставници на Европската Комисија, вклучувајќи ја и директорката на Директоратот за проширување, Валентина Суперти. На состанокот учествуваа и ресорните министри за транспорт, внатрешни работи и евроинтеграции од земјите од Западен Балкан – Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Албанија.

На средбата се разговараше за надминување на проблемите со кои се соочуваат транспортерите при работа во земјите на Шенген зоната и за изнаоѓање долгорочни решенија за превозниците.

Николоски ја поздрави иницијативата на Европската Комисија и преку аргументирани факти го истакна ставот на Владата дека е потребно да се обезбеди соодветно решение за овие работници, со цел непречено извршување на работните обврски во рамките на земјите од Шенген зоната. Тој додаде дека Европската Комисија треба реално да го идентификува проблемот и да преземе мерки кои ќе овозможат предвидливост и непречена работа на транспортните компании.

Претставниците на Европската Комисија ја потврдија новата визна стратегија на ЕУ, во која превозниците се признаваат како професионалци, и најавија дека ја разгледуваат можноста оваа категорија да се третира слично како пилотите и машиновозачите.

На состанокот беше договорено дека воведувањето на биометриската евиденција преку електронскиот систем за влез и излез од/во земјите од Шенген зоната, наместо од почетокот на април, се одложува до септември 2026 година.

Исто така, беше формирана работна група на експертско ниво која веќе следната недела ќе се состане за да ги материјализира заклучоците од денешниот состанок. Европската Комисија ја истакна важноста на транспортниот сектор и влијанието врз економијата, најавувајќи целосна посветеност за изнаоѓање трајно прифатливо решение за сите засегнати страни.

Владата изрази целосна поддршка на превозниците и ги презема сите мерки што се на располагање за да се овозможи непречена работа во рамките на меѓународниот патен сообраќај.

ИЗДВОЕНИ