Владата нема намера да ја поништи својата одлука од септември минатата година, со која во четиринаесет македонски општини е намален бројот на општински советници, а што го бара опозициската ДУИ. Интегративците категорично не го прифаќаат ваквото намалување направено со употреба на само резидентното население во тие општини, врз основа на пописот направен пред четири години. Од редовите на оваа партија веќе поведоа постапки пред Уставниот суд, а во Парламентот и во Државната изборна комисија ќе се блокираат и ќе се оспоруваат одлуките што ќе бидат носени врз основа на ваквата владина одлука. ДИК завчера не можеше да донесе упатство за пополнување на образецот за листи на кандидати за членови на општинските совети, бидејќи не се постигна консензус околу толкувањето на владината одлука.
Владината портпаролка, Марија Митева, на денешната прес- конференција, рече дека ланската одлука била донесена врз база на резултатите на направениот попис на населението.
– Владата носи одлука врз основа на веќе постојниот попис од 2021 година, кој е направен во време кога Влада беа СДСМ и ДУИ. Токму политичката партија што сега оспорува резултати, која во минатото велеше дека се соодветни и дека ја одразуваат реалната слика. Ние мора да носиме одлуки врз параметри што ги имаме и цениме дека, како Влада, сме постапиле онака како што треба. ДУИ е единствената политичка партија што додека е на власт, работи на еден начин, а кога е во опозиција, бара нешто друго за она што го направила во минатото – одговори Митева на новинарско прашање за ставот околу барањето на интегративците.
Според ланската одлука, врз основа на утврденото резидентно население, Владата реши во вкупно 14 општини, на претстојните локални избори, да се изберат помал број општински советници. Намалување на бројот на советници ќе има во: Гостивар – од 31 на 23, поради падот на бројот на жители од околу 40.000; Кичево – од 23 на 19; Струга – од 27 на 23; Кратово – од 15 на 11; Крива Паланка – од 19 на 15; Куманово – од 33 на 31; Пехчево – од 11 на 9. Само три општини ќе добијат повеќе советници. Пописот, познато е, покажа дека во земјава има 1.836.713 лица како резидентно население, од кои Македонци се 58,44, а Албанци 24,30 отсто. Но, заедно со нерезидентното население од странство, бројот на население изнесува 2.097.319 лица, од кои 54,21 отсто се Македонци, 29,52 се Албанци…
Од ДУИ се категорични дека при определувањето на бројот на советници во општините, мора да се применува критериумот на вкупното население, односно категоријата „жители“.
– Ние бараме да се повлече таа владина одлука, бидејќи е противуставна и противзаконита. Уставниот суд неодамна, со укинувањето на одредбите од методологијата за пописот, одлучи дека не може да се прави дистинкција меѓу резидентно и нерезидентно население. Токму во методологијата остана одредбата во која се вели дека вкупното население е збир на резиденти и на нерезиденти. Освен ова, во членот 34 од Законот за локална самоуправа е јасно наведено дека „бројот на членови на Советот се утврдува зависно од бројот на жители во општината“. Значи, не врз основа на резидентното население. Не може поимот „жители“ да се толкува само како резидентно население – вели за ВЕЧЕР Арбр Адеми, партиски портпарол на интегративците.
Тој додава дека ќе продолжи спротивставувањето во ДИК да се изгласа упатството за бројот на советници во општините.
– Доколку, сепак, се изгласа таквата одлука со мнозинство гласови, тоа ќе биде авантура со која ќе се наруши кредибилитетот на локалните избори. ДИК треба да ги почитува Уставот и законите, а доколку се донесе одлука со надгласување, тогаш ќе поведеме постапка пред Управниот суд. Што по одлуката на Судот, ќе видиме откако ќе ја дознаеме – најавува Адеми.
Тој тврди дека неодамна, во Собранието, имало обид да се протнат измените во Законот за локална самоуправа, со кои се сакало да се смени терминот „жители“ со „резиденти“, но дека тие го блокирале тоа. (Б. Ѓ.)