Владата на денешната редовна 140 седница го усвои Предлог законот за јавно обвинителство, како еден од клучните чекори во спроведувањето на реформската агенда од Областа 5 – Фундаментални вредности, со посебен фокус на владеењето на правото.
Со законското решение се утврдуваат јасно дефинирани критериуми и механизми за избор на кандидати, при што, како што посочуваат од Владата, се вградени релевантни препораки со цел процесот да биде ослободен од политички влијанија и да се темели на стручност, интегритет и професионален кредибилитет.
Од Владата нагласуваат дека законот претставува значаен чекор во зајакнувањето на независноста, ефикасноста и отчетноста на јавното обвинителство, како клучен сегмент на правниот систем и заштитник на јавниот интерес. Според нив, решението е резултат на анализи, консултации и усогласување со европските стандарди и најдобрите меѓународни практики.
Министерството за правда информира дека новиот закон предвидува заострување на критериумите за избор, оценување, дисциплинска одговорност и разрешување на јавните обвинители, со цел унапредување на владеењето на правото и исполнување на обврските од Реформската агенда. Во постапката за избор на државен јавен обвинител, кандидатите ќе поднесуваат биографии и програми за работа кои јавно ќе бидат објавени, додека Советот на јавни обвинители ќе дава позитивно мислење за соодветните кандидати.
Со измените се воведува и редовно оценување на јавните обвинители на секои три години, наместо досегашните четири. Доколку обвинител добие негативна оценка, ќе следи вонредно оценување по една година, а повторна негативна оценка ќе биде основ за разрешување.
Во моментов, функцијата вршител на должност државен јавен обвинител ја извршува Анита Тополова-Исајловска, до изборот на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци. Таа беше назначена по неотповикливата оставка на Љупчо Коцевски, која ја поднесе на денот кога Собранието требаше да расправа за предлогот за негово разрешување, по што пратениците констатираа престанок на неговиот мандат.
Рокот за пријавување на кандидатите ќе започне да тече од денот на објавувањето на одлуката во Службен весник и ќе трае 15 дена.


![[Интервју] Тамара Котевска: Приказните за Македонија допрва ќе се раскажуваат!](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/12/nas-1-450x300.jpg)









