Владата го прекори лидерот на опозицијата, Венко Филипче, дека не се разбирал во економијата откако тој денеска на прес-конференција изјави дека буџетската дупка до крајот на годината ќе биде 1,4 милијарди евра. Буџетот е стабилен и ликвиден. Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено, велат од Владата.
„Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки. Очигледно, советниците на Филипче не му ја завршиле домашната задача. Наместо да информираат, тие се обидуваат политички да го излизгаат со неточни податоци за економијата. Владата нема намера да учествува во евтини политички препукувања, но должноста е наша да ги изнесеме фактите“, посочуваат од Владата.
Оттаму велат дека дефицитот е под контрола, јавниот долг е стабилизиран, а задолжувањата се во рамките на законските лимити и насочени кон развој, а не кон популизам. „Проектираниот буџетски дефицит за 2025 година изнесува 41,4 милијарди денари, што е 3,3 милијарди денари пониско од 2024 година. Реализацијата досега изнесува 36,4 милијарди денари, што е во рамки на планот“, вели Владата.
Јавниот долг заклучно со јули, посочуваат, изнесува 58,7 проценти, а се очекува до крајот на 2025 година да биде понизок од проектираниот 62,1 процент.