Денеска, на градскиот пазар во Кавадарци се одржува саемот на локални производи „Вкусот на Тиквешијата“. Организатор на настанот е Комисијата за еднакви можности при Општина Кавадарци.
-Вкусот на локалните производи ја раскажува приказната на еден народ. На раце што создаваат, на срце што не заборава. Имаме кошници полни задоволства, што мирисаат на едно детство. Слатко од грозје како кај баба, сирење што крцка под нож, вез што зборува без зборови, буркан со сонце – твојот мед. Имаме производители и луѓе што ќе ги ценат нивниот труд, секој нивни час, нивната пот, нивниот конец. На саемот може и да се купат производи – појасни Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општина Кавадарци.
Tаа порача да се слави заедно вкусот на минатото и надежта на иднината. Затоа што, како што подвлече, традицијата не се купува, туку се негува и се носи во рацете на луѓето.