Вкупно 50 години затвор за дел од бандата „Грчец“

Пресуда за „Дуќанџиќ“, прво судење за ривалите од Беланоца

3784

Главата на мафијата во бегство, извршителите в затвор. Во скопскиот Кривичен суд беше изречена пресудата за дел од групата на Шеваљ Муареми, кој според последните податоци на органите за прогон, се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати, а по него е распишана меѓународна потерница. Шестмина припадници на неговата криминална група, позната во јавноста како Дуќанџик Грчец, судот ги прогласи за виновни за продажба на кокаин и убиства по нарачка и одмазда. Двајца од нив се осудени на затворска казна во траење од 14, односно, 15 години за злосторничко здружување и двојно убиство, додека, пак, четворица обвинети се осудени на пет, односно, шест години затвор за купување и продажба на кокаин.

Судијката Фанка Јанчулова-Михаиловска, при објава на пресудата рече дека околноста за постоењето на криминална група се потврдува преку континуирано повторување и организирање на набавка на дрога, од Албанија и потоа од Белгија.

Од јуни 2019 до март 2021 година, Шеваљ Муареми и други непознати кои се недостапни на органите на прогон формирале и раководеле со група за транспорт и неовластено пуштање во промет на дрога во Македонија. Групата договорила набавка на 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33 илјади евра за килограм и потоа организирала транспорт преку Косово во земјава.

Судот, при објава на пресудата, рече дека убиството е дел од поголем криминален план за убиство на лица кои им пречат.

Тие свесно одлучиле и останале на одлуката за двојното убиство, што е одлика на криминалната група. Од комуникацијата на „Скај“ факт е дека жртвата е свесно одбрана, како и набавката на пиштол со придушувач, панцири и т.н. флешери за автомобил. Од комуникацијата е јасно дека двојното убиство е поврзано со престрелката со криминалната група Дуќанџик во хотелот „Александар палас“. Со оглед на наведеното, најмалку тројца учествувале во двојното убиство, изјави судијката. Докази преку апликацијата „Скај“ биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.

Во обвинението против нив е опишано дека под водство на Муареми и убиениот Орхан Бајрами викан Оки, неколкупати во текот на 2020 година биле вмешани во купување на 15 килограми кокаин, пренесување и продавање во државава. Двајца, пак, се обвинети за двојното убиство во Топанско поле кога беа убиени Африм Бериша и Бурим Вардари бидејќи, наводно Бериша, го организирал нападот против нив во хотелот „Александар палас“. Групата, според полицијата, брои околу 15 лица, дел се убиени, а дел се во бегство. Додека се изрекуваше пресудата на криминалната група на Шеваљ, судот беше под силно полициско обезбедување. Слична слика ќе има задутре, кога на обвинителна клупа ќе седне Раде Трајковски Штекли и дел од кланот Беланоца, кои се во долгогодишно ривалство со Дуќанџик Грчец за управување со скопското подземје.

Обвинителството во овој случај гони две криминални групи, за првата ќе докажува дека сториле четири убиства меѓу кои и убиството на Орхан Бајрамовски Оки, еден од водачите на групата Дуќанџик во вилата во Ханиоти кое се случи пред две години, како и за двојното убиство во „Шиша бар“. На втората криминална група ѝ се припишуваат три убиства, од кои едното било двојно. Дополнително, групите вршеле и изнуди, а палеле и објекти и возила, од ОЈОГОКК открија дека дел од пожарите била нарачувани од затвор. Огранокот на Раде Трајковски Штекли се занимавал со неовластена продажба на дрога. Станува збор за седумнаесетина, главно млади лица. Дрогата се продавала најчесто по локали, а Обвинителството во соработка со МВР ја пронашле закопана на градежен објект на државно земјиште. Обвинителството цела година собираше докази за обвинението кое ќе го докажува на утрешното судење. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ