Да се преземат итни мерки за илјадници ранливи потрошувачи кои остануваат без никаква реална заштита од енергетската сиромаштија. Инженерите на Македонија поднесоа претставка до Владата, Министерството за енергетика, Министерството за труд и Регулаторната комисија во која бараат до крајот на август да се донесе методологија, а до октомври да се формира регистар, за да може да се изврши исплата на веќе одобрените субвенции на 454 лица кои поднесоа барање на повикот за доделување на финансиска помош за електрична енергија.
– Иако новиот Закон за енергетика предвидува заштита за граѓаните кои живеат во сиромаштија, самохрани родители, пензионери со ниски примања и лица со инвалидитет, досега нема функционален регистар, нема методологија, ниту се врши исплата на ветените субвенции. На повикот за субвенции се пријавиле само 745 лица, од кои 454 биле прифатени. Оваа бројка е далеку од реалните потреби, бидејќи според процените, ранливите потрошувачи се најмалку 110 илјади – потенцираат од Инженерите на Македонија.
Оттаму сметаат дека меѓу 11% и 17% од населението се наоѓа во состојба на енергетска сиромаштија, што претставува помеѓу 200 и триста илјади лица.
Од Министерството за енергетика вчера го објавија списокот на одобрени баратели за 2025 година. Оттаму велат дека постапката за проверка е спроведена врз основа на потпишаните Меморандуми за соработка со Управата за јавни приходи и Министерството за социјална политика, демографија и млади, со што се овозможи точна и ефикасна верификација на доставените податоци.
Според резултатите, 313 домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост ќе добиваат месечна поддршка од 1.000 денари, почнувајќи од март 2025 година, а 94 згрижувачки семејства исто така го стекнуваат правото на финансиска поддршка.
Поддршката се исплаќа во форма на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето. За оваа намена, Министерството ќе издвои приближно 5 милиони денари од Буџетот за 2025 година, како директна поддршка за оние на кои им е најпотребна.
Дополнително, Министерството веќе достави предлог до Владата за нова Програма со која се предвидува проширување на опфатот на ранливите категории граѓани, што ќе овозможи уште поголем број семејства да добијат поддршка во 2025 година. Новиот јавен оглас се очекува да биде објавен наскоро.