
Рускиот претседател Владимир Путин се согласи во петокот за време на состанокот со американскиот лидер Доналд Трамп во Алјаска дека САД ќе ѝ дадат на Украина „силни безбедносни гаранции“ како дел од потенцијалниот мировен договор, изјави денес високиот американски претставник Стив Виткоф.
Тој за „Си-ен-ен“ изјави дека тоа е голем пресврт и ги опиша безбедносните гаранции како заштита од понатамошна руска инвазија, слична на Член 5 од Договорот за НАТО, во кој се наведува дека нападот врз една членка е напад врз сите.
Виткоф додаде дека клаузулата е начин да се заобиколи инсистирањето на Русија дека Украина никогаш не може да биде примена во НАТО.
„Постигнавме договор дека САД и другите европски земји можат да понудат безбедносни гаранции слични на оние предвидени со Член 5“, рече функционерот, додавајќи дека тоа е прв пат руски претседател да се согласи на такво нешто.
Тој истакна дека Путин рекол дека црвената линија е пристапувањето на Украина во НАТО, па затоа било дискутирано под претпоставка дека Украинците можат да ја прифатат и да живеат со неа, а потоа е постигната отстапка според која САД ќе обезбедат безбедносни гаранции.
Виткоф додаде дека како дел од потенцијалниот мировен договор, Путин се согласил и на правна рамка според која Русија нема да влезе на која било друга територија во Украина или никаде во Европа.
Според Виткоф, Путин направил и отстапки за време на самитот со Трамп во Алјаска во врска со барањето на Русија за размена на украинска територија.
Американскиот функционер одби да објасни повеќе, но посочи дека Кремљ сега верува дека „замената на територијата“ треба да се случи по сегашните линии на фронтот, а не по административните граници на барем некои од петте региони што Путин долго време ги бара.
„Русите направија некои отстапки на преговарачката маса за сите пет од тие региони“, рече Виткоф, додавајќи дека прашањето ќе биде дискутирано со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Овалната соба на Белата куќа утре.
Виткоф изрази надеж дека тогаш ќе бидат донесени некои одлуки.