Виткоф ги објави резултатите од денешните разговори во Берлин

425
Фото: EPA/Guido Bergmann / German government press office HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, изјави дека за време на денешните разговори во Берлин меѓу високи американски и украински претставници за најновите напори за завршување на војната во Украина е постигнат голем напредок.

Виткоф напиша во објава на платформата „Икс“ дека се одржале детални разговори, дека е постигнат голем напредок и дека американските и украинските претставници ќе се сретнат повторно утре наутро.

Претходно, советникот на украинскиот претседател, Дмитро Литвин, изјави дека разговорите меѓу украинските и американските претставници за предлози за решение на војната во Украина завршиле вечерва по повеќе од пет часа во Берлин и се очекува да продолжат во понеделник.

Литвин изјави дека е договорено разговорите да продолжат во понеделник наутро, истакнувајќи дека се разгледуваат нацрт-документ за завршување на војната во Украина, објави „Ројтерс“.

Тој најави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе даде коментар за разговорите во понеделник кога ќе бидат завршени.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес во Берлин се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, а главна тема на состанокот беше постигнување политички договор за прекин на војната во Украина.

Во украинската делегација беа и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров, првиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Кислц, советникот на шефот на претседателскиот кабинет Олександр Бевц и началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, објави украинскиот јавен сервис „Суспилне“.

Американската страна ја претставуваше и врховниот командант на силите на НАТО во Европа, Алексис Гринкевич.

Зеленски претходно изјави дека самитот во Берлин е важна платформа за разговори со американските и европските партнери за рамковен мировен план од 20 точки што вклучува прекин на огнот.

Пред денешниот состанок, Зеленски изјави дека Украина се подготвува за состанокот и ги разработува сите детали од заедничките нацрт-документи.

Зеленски на „Телеграм“ изјави дека секој сегмент од предложените документи е внимателно разработен, нагласувајќи дека целта е сите чекори договорени со партнерите на Украина да бидат ефикасни во обезбедувањето безбедносни гаранции, објави „Укринформ“.

Зеленски рече дека сака да ги убеди Американците да поддржат замрзнување на фронтовската линија во Украина во нејзината сегашна состојба, пред какви било преговори со Москва, објавија француските медиуми.

ИЗДВОЕНИ