Француското Министерство за Европа и надворешни работи ѝ додели високо признание на гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
Од Почесниот конзулат на Република Франција во Битола потврдија дека станува збор за брендот LabelFranceEducation кој на посебна церемонија ќе биде претставен и врачен во овој град.
– Оваа година, битолската гимназија одбележува 20-годишнина од реализацијата на двојазична франкофонска настава во неа. По повод јубилејот, францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер на гимназијата ќе ѝ го врачи брендот LabelFranceEducation што го доделува Француското Министерство за Европа и надворешни работи како признание за извонредност на двојазичните франкофонски паралелки во странство – информираа од Почесниот конзулат на Франција во Битола.
На свечена церемонија со пригодна програма, пред претставници од општественото и културното живеење на градот, гимназијата на 13 ноември во битолскиот Офицерски дом ќе го презентира своето дведецениско успешно интегрирање на францускиот јазик во едукативниот процес.












