Се препорачува граѓаните да избегнуваат да купуваат и консумираат храна со оштетена амбалажа, односно амбалажа што е нагмечена, надуена или напукната, разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не ја чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Се препорачува и да се избегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
По најавата на УХМР дека дневните температури ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени во одредени делови од државата, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира граѓаните да прават правилен избор при набавката, транспортот и чувањето на храната што ја консумираат за да избегнат потенцијално труење.
– Неопходно е да се направи правилен избор на храната и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување. Да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и за соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде што има соодветни услови за чување и каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди – соопштија од Агенцијата.
АХВ препорачува граѓаните да избегнуваат да купуваат и да консумираат храна со оштетена амбалажа, односно амбалажа што е нагмечена, надуена или напукната, разладените или замрзнатите производи да ги купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна да не ја чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства на несоодветна температура. Се препорачува и да се избегнува купување разладена или замрзната лесно расиплива храна што се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
– Разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 Целзиусови степени, а храната што треба да се зготви термички, да се обработи на температура повисока од 60 Целзиусови степени. Овошјето и зеленчукот, пред консумирање, темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Да се внимава домашните миленичиња и другите животни да не дојдат во контакт со храната што се подготвува – додаваат од АХВ.
Во однос на консумирањето храна во угостителски објекти, АХВ предупредува граѓаните да избираат локали што водат сметка за хигиената и за безбедноста на храната и имаат добра репутација. Во локалите за брза храна, пак, се препорачува да се избегнуваат додатоците што не стојат во ладилник како мајонез, кечап, крем-салати, сосови.
Додаваат дека порастот на температурите претставува голем стрес и за добитокот, кој може да се манифестира со намалено внесување храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и со слаб прираст. Високиот процент на влага и недоволната вентилација во објектите каде што престојуваат може да биде причина за појава на топлотен удар кај нив и да се појави сончаница како последица на директно изложување на сонце. Во двата случаи, како што се наведува, исходот може да биде фатален ако не се дејствува навреме.