„Високи вибрации“ е насловен концертот што ќе одржи денеска, со почеток во 20 часот, во Македонската филхармонија. Како солист, со оркестарот на македонската Филхармонија, ќе настапи врвниот руски пијанист Дмитри Маслеев, а диригент е Јерухам Шаровски од Израел. На програмата се Концертот за пијано и оркестар бр.3 во де-мол и Симфонијата бр.4 во еф-мол од Сергеј Рахмањинов.

Рускиот пијанист Дмитри Маслеев (1988), е еден од најзначајните солисти од поновата генерација на светската музичка сцена во моментов. Учел пијано на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“ во Москва, во класата на проф. Микхаил Петруков, како и на интернационалната академија за пијано на езерото Комо во Италија. Како „суперсолист“ беше најавено и дебито на Дмитри Маслеев со оркестарот на Националниот оркестар на Франција во 2020 година, на кој го изведе Концертот за пијано и оркестар број 1 од Чајковски, дело кое му обезбеди интернационална кариера откако стана лауреат на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во 2015 година. Овој исклучителен млад пијанист го издвојува и дебито во Златната сала на Музикферајн и на главната сцена на Берлинската филхармонија. Оттогаш, Германија и Франција се негови главни дестинации, каде што соработува со врвни оркестри. За него критиката ќе напише: „Каков уметник! Сè е толку едноставно, толку генијално, без најмал обид за објаснување на музиката…“. Настапува на сите светски сцени, но не ја заборава и својата родна Русија, често настапувајќи со Московскиот филхармониски оркестар.

Роден во Буенос Аирес, Аргентина, маестро Јерухам Шаровски рано започнал да изучува музика, а потоа студирал флејта, контрабас, композиција и диригирање на Националниот конзерваториум за музика во неговиот град. Во раните 70-ти имигрирал во Израел, каде што дипломирал на Академијата за музика „Рубин“ во Ерусалим, под палката на проф. Менди Родан. За време на својата кариера, маестро Шаровски диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји, вклучувајќи ги и серијата концерти со маестро Лорин Мазел, диригирајќи со Минхенската филхармонија во Германија и со Симфонискиот оркестар на Ерусалим заедно со Баварскиот радио-оркестар на концерти посветени на градот Ерусалим. Во моментов, маестро Шаровски ја извршува и функцијата шеф диригент на Македонската филхармонија.

ИЗДВОЕНИ