Повеќе од 1.900 сопственици на станови и куќи во Брисел се казнети за издавање соби и станови преку популарната платформа Airbnb. Причината е непочитување на локалните правила кои бараат регистрација и месечно пријавување на ноќевањата, дури и кога нема гости.
Казните достигнуваат до 1.000 евра, а многу домаќини тврдат дека дури и не знаеле дека го кршат законот.
„Изнајмив една соба во куќата, од 20 до 60 ноќевања годишно, за 45 евра од ноќ. Сè пријавив во даночната администрација, но не знаев дека има дополнителна обврска кон регионот. Казната практично ми ја изеде целата заработка“, изјави за Le Soir еден од казнетите, пренесува Н1.
Брисел користи податоци од Airbnb и најавува дека наскоро ќе започне нов бран казни. Проценките велат дека само во 2022 година би можеле да соберат до два милиони евра.
Здруженијата на сопственици на станови предупредуваат дека најпогодени се граѓаните кои повремено издаваат дел од својот дом под наем, а не професионалните изнајмувачи.