Полскиот ракометен шампион Висла Плок, направи големо изненадување и по вторпат сезонава победи на гостувањето кај ПСЖ во Париз (29:30) во рамки на 9. коло од Лигата на шампионите и ја продлабочи кризата на „светците“ во елитното натпреварување оваа сезона.
Тимот од Франција има само една победа во последните пет кола, тоа го става во друштво со ГОГ Гудме, двата тима имаат по шест бода, додека Еурофарм Пелистер е веднаш за нив со четири бода и една победа помалку.
Најдобар кај ПСЖ беше Елохим Пранди со девет гола, а Омар Јахја додаде седум, додека кај Висла, Дашек имаше седум, а Ричардсон даде шест гола.
Бундеслигашот Фуксе Берлин, ја продолжи доминацијата на германските клубови во Европа и дома го доби дербито со Веспрем (38:34). Андерсон имаше десет гола кај Фуксе, Фрајхофер додаде осум, ефикасен беше и Грондал со седум гола. Кај Веспрем, Дескат даде осум, Ремили запиша шест гола.
Спортинг, пак, го одбрани домашниот терен од норвешки Колштад во дуел кој понуди 75 гола (44:31). Барселона ја продолжи победничката низасо победа на гостувањето кај ГОГ Гудме со 41:28 во натпреварот од деветтото коло во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Најдобар поединец кај Барселона беше Луис Диого Да Соуза со девет голови, уште седум додаде Тимоти Нгесан, а на спротивната страна по пет голови запишаа Фредерик Бјере и Хјалте Лике.
Екипата на Загреб долго беше во игра за позитивен резултат на гостувањето кај ПИК Сегед, но потклекна во последните пет минути и мораш да се помири со деветтиот пораз сезонава (32:36).












