Скопската градоначалничката, Данела Арсовска со цел куп документи во рацете денеска повторно ловеше дивоградби низ Чаир. Таа го нарече криминалец градоначалникот на оваа општина, Висар Ганиу.
– Висаре, криминалецу, никој не го прави ова ти што го правиш, затоа се закануваш. Едни документи доставуваш до Град Скопје, друг документ до Катастар, фалсификуваш документи, затоа се закануваш. Затоа ти ги палат колите, затоа што Град Скопје те спречи да легализираш дивоградби – реагираше Арсовска.
Акцијата беше пренесувана во живо на Фејсбук. Арсовска претходно вршеше онлајн инспекција за дивоградба во близина на Пластичарската улица. Таа побара од МВР веднаш да реагира. Изнесе дека објектот се гради без никакви документи и ги повика министерот Панче Тошковски и Стојанче Ангелов овие необезбедениве дупки, каде што може секој случаен минувач да се повреди, да излезат на лице место и да кажат дали има „сејфти фрст“.
Обвини дека е направен сериозен ископ и дека е започната градба на објект без никаква дозвола, без платени комуналии, без одобрение за градење, а немало ниту проект, ниту пак документ со кој се гарантира безбедност на градба.
Таа воедно најави дека ќе објави фељтон, во кој ќе ги објавува сите криминали што биле откриени, а не постапувале надлежните институции.
-Ќе објавувам едно по едно сите од наша страна констатирани и спречени незаконски постапувања и криминал, со аргументи и докази, за кои сè уште никој не постапува од надлежните институции. Во градот Скопје, во три години, спречивме над 150 незаконски обиди за легализации на дивоградби. Спречивме градење на асфалтни бази во населени места, поднесовме кривични пријави за УСЈЕ и други големи загадувачи за кои сите останати молчат, а ние трпиме секојдневни закани. Отстранивме тендераши, фирми кои работеле во интерес на партии и расчистивме со корупцијата. За да нема простор за „филозофирање” и „празна реторика”, ќе покажеме дека Градот постапувал веднаш, а некој друг си тера како и досега – истакна Арсовска.
(А.П.)