Виртуозот на виолина, Владимир Костов, и „Профундис“ со „Кендлајт“ во Битола; Прв концерт под магијата на свеќите во Градот на Конзулите

1

По Скопје, илјадници свеќи ќе го осветлат и Центарот за култура во Битола, на 6 декември, за кога е најавено дека ќе се одржи првиот „кендлајт“ концерт во овој град. Пред битолчани ќе настапи камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ, заедно со македонскиот виртуоз на виолина, Владимир Костов како солист.

Костов е концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти, кој со своите префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма ја освојува публиката на сите континенти. Тој овој пат ќе му се придружи на „Профундис“ за концертот под свеќи, кој претставува исклучително музичко и визуелно доживување.

Во рамките на концертот ќе биде изведена ексклузивна програма составена од ремек-дела на светската и на домашната музичка литература, меѓу кои: „St. Paul Suite“ од Густав Холст, „Четири годишни времиња“ од Антонио Вивалди и „Македонско капричо бр. 1“ од Драган Шуплевски.

– Овој концерт е особено значаен, затоа што за првпат ја носиме уникатната атмосфера на „кендлајт“ концертите во Битола. Под светлината на свеќите, музиката добива нова димензија: интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно одбрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло – изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.

Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, Концертхаус во Виена, „Линколн центар“ во Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и со извонредната техника, тој претставува симбол на современата македонска виолинска школа.

Да потсетиме, концептот на концерт под свеќи е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиткуваат просторот во топол сјај, создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.

ИЗДВОЕНИ