Виртуозот на гитара, Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече гениј, првпат ќе настапи во Скопје, заедно со Националниот џез-оркестар.

Концертот ќе се одржи на 1 октомври, со почеток во 20:00 часот, во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Владимир Николов.

– Со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку што постигнуваат многумина гитаристи за цела кариера. Непоколеблив истражувач, кој зазеде единствено место во џез-светот со својата сложена и суптилна визија – напиша за него „Њујорк тајмс“.

Веќе три децении Розенвинкел ја обликува современата џез-сцена со својот препознатлив стил и со музичката длабочина. Од своите први настапи во Њујорк, во 1991 година, тој се издигна како вистински иноватор, создавајќи албуми што инспирираат генерации музичари и љубители на џезот насекаде во светот.

Неговата музика остава неизбришлив белег во историјата на гитарската уметност, а неговите живи настапи пленат со виртуозност и со емоција. обожавателите често велат дека тој „ја оживува гитарата на начин што остава без здив“.

Во рамките на концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Курт Розенвинкел, аранжирани за биг-бенд оркестар.

ИЗДВОЕНИ