„Вир фестивал“ во Топлик – Гевгелија 

27

Месноста „Топлик“– Гевгелија, в сабота и в недела ќе биде местото каде ќе се спојат во едно музиката, уметноста и природата. Станува збор за дводневниот музички и уметнички настан „Вир фестивал“, кој е во организација на ЗГ „Кемп Сајт“– Гевгелија.

Овој фестивал што се реализира во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата 2025“, е поддржан од Општина Гевгелија и е замислен како уникатна културна манифестација што ги обединува музиката, уметноста и активностите на отворено.

– Локацијата во подножјето на планината Кожуф овозможува спој на културата и природата, создавајќи автентична атмосфера и ново искуство за посетителите. Програмата опфаќа настапи на домашни и странски артисти, уметнички проекции, визуелни поставки и други тематски активности со цел промоција на креативноста, младинската култура и активниот живот во природа – соопштија од Општина  Гевгелија.

Музичкиот дел на фестивалот, на 23 август ќе ги вклучи диџеј-сетовите на: Ragna, Софијанов, Лука, M.I.K, Разаљ Ветар, Јаков, Димитар, Thomas Numan, Mosaik Kollektif, Dejan Dex, Dout, Jaumod, Сашо Узун и Alex Acid, додека на 24 август ќе настапат: Gianni Filipo, Stereophonic Space, Дина, Аки, Батка, Shabba, Vecinu, Михаил, Тадирова, Keyri, Bosko Balos, Rtikenc, Yell и Liou.

Покрај музичката програма, „Вир фестивал“ опфаќа и програма со уметнички проекции, во која учествуваат: Даме Ѓуров, Ozbek Ajvaz, Krsto Gligorijadis, SEE– Art group и Андреј Миневски.

– Овој дел претставува разновидни визуелни и уметнички поставки, со активности кои го опфаќаат полето на ликовната, концептуалната и современата уметност. Преку оваа програмска содржина, фестивалот дава простор за афирмација на креативните автори и нивните различни пристапи, со цел унапредување на културната сцена и збогатување на културната понуда во регионот – објаснуваат од Општина Гевгелија.

Притоа, додаваат дека организирањето на „Вир Фестивал“ претставува значаен придонес кон збогатување на локалната културна програма, афирмација на младите таленти, како и кон позиционирање на Гевгелија како регионален центар на современи културни и уметнички случувања.

 

ИЗДВОЕНИ