Физичарот се здобил со оваа виолина кратко пред да го напушти Минхен, на средината од 1890-тите и да се пресели во Швајцарија за да студира. Ајнштајн свирел на оваа виолина, на која подоцна го врежал името „Лина“, во доцните тинејџерски години и во зрелоста, додека ја развивал теоријата на релативноста
Виолината што некогаш му припаѓала на еден од најпознатите научници во светот, Алберт Ајнштајн (1879 – 1955), на 8 октомври ќе биде понудена на аукција во Глостершир, Англија, со почетна цена од 300.000 фунти. Музичкиот инструмент од 1894 година е еден од неколкуте предмети што му припаѓале некогаш на научникот.
Зад овој музички инструмент се крие и мрачна приказна за еден неостварен сон, војна, нацистичкиот прогон, првата љубов и за големото пријателство меѓу двајца колеги.
Физичарот се здобил со оваа виолина кратко пред да го напушти Минхен, на средината од 1890-тите и да се пресели во Швајцарија за да студира. Тој свирел на виолината, на која подоцна го врежал името „Лина“, во доцните тинејџерски години и во зрелоста, додека ја развивал теоријата на релативноста.
Инструментот, кој внатре има етикета со датум од производителот од Минхен, ги има сите оригинални делови – жиците, задниот дел и завртката за фино штелување.
Ајнштајн почнал да свири виолина на шестгодишна возраст и вежбал речиси секој ден во текот на целиот свој живот, дури и настапувал јавно, а во една пригода изјавил дека ќе продолжел со музичката кариера доколку не станел физичар. По инсистирање на својата мајка, како дете земал и часови по виолина, но се откажал. Подоцна, многу уживал во Моцартовите виолински сонати. Во време на прогонот, тој бил принуден да ја крие виолината од нацистите за да може кришум да ужива во нејзините звуци.
Исто така, на продажба се и седиште за велосипед и книга за филозофијата, исто така, сопственост на Ајнштајн.
Експертот за артефакти Крис Албури изјави за Би-би-си дека е возбуден поради продажбата на „екстремно историски предмети“. Се верува дека виолината „цунтерер“ во природна големина е првата што самиот Ајнштајн ја купил.
Сите предмети што ќе бидат претставени сега на аукцијата му биле подарени на неговиот добар пријател и колега физичар, Макс фон Лауе, кон крајот на 1932 година.
Кратко потоа, Ајнштајн заминал во Америка поради својата еврејска вера, за да избега од порастот на антисемитизмот и на нацизмот во Германија и сакал неговите предмети да не бидат загубени. Дваесет години подоцна, Макс фон Лауе ѝ ги подарил овие предмети на познајничката и обожавателка на Ајнштајн, Маргарет Хомрих, а сега нејзината правнука ги нуди на продажба.
Друга виолина која му припаѓала некогаш на Ајнштајн и која ја добил како подарок кога пристигнал во Соединетите Американски Држави во 1933 година, е продадена на аукција за 516.500 долари (370.000 фунти), во Њујорк, во 2018 година.
Инаку, првата виолина на научникот сега е на пазарот со проценета цена помеѓу 230.575 и 345.860 евра, додека неговото седиште за велосипед би можело да достигне цена до 57.645 евра, објавува „Дејли мејл“.
Се очекува книгата за филозофијата на Декарт и на Спиноза, која Ајнштајн ја потпишал двапати со молив, да достигне цена од 3.500 евра.
Фасцинантен е интересот на колекционерите за предметите на научникот. Така, неговото писмо за нацистите и за атомската бомба беа понудени минатата година, на аукција, за четири милиони долари.
Алберт Ајнштајн, германски теоретски физичар, е најпознат по своите теорија за релативноста и теорија за еднаквост на масата и енергијата. Тој ја добил Нобеловата награда за физика во 1921 година, за својата работа на полето на теориската физика, а особено за своето откритие на фотоелектричниот ефект.
Фото: Принт скрин