Вечен спомен за насмеаното штипско момче! Сеќавањето на штипскиот музичар Душан Љубисављевиќ- Дуле со скопска адреса е и носталгија за една златна ера на македонската поп-музика. Тоа е она време кога се создаваа фестивали, се создаваа ѕвезди, а песните што беа хитови, денес се евергрини. Иако физички го нема Дуле веќе 12 години, песните што ги пееше и создаваше уште живеат. Таква е и песната „Виолина и гитара“, победничка на „Макфест“ во 1996 година. Оваа песна остана како вечен симбол за неговиот талент и најдобра потврда дека вистинската мелодија никогаш не умира. Пред точно дванаесет години, срцето на Душан Љубисављевиќ-Дуле, пејачот во култното поп-дуо „Дуле и Коки“, престана да чука. Со својот препознатлив глас и со својата искрена комуникација со новинарите, медиумите, тој ја потврди вистинитоста на она за што зборуваше, дека сите треба да сме нормални, природни, срдечни, весели, бидејќи сите сме тука само во минување.
Кариерата на Дуле и на неговиот другар Никола Јанков-Коки започна токму на „Макфест 1996“, кога со песната „Виолина и гитара“ ја освоија првата награда. Композицијата прекуноќ стана мегахит. По некоја година, и евергрин, кој со години ја задржува својата свежина. Денес, песната е своевидна химна на прославите, свадбите, родендените… за сите оние моменти на радост.
Дуото „Дуле и Кои“ набргу стана популарно и на просторите на поранешна Југославија. Продолжи со хитовите „Колку треба да се плати“, „Мене место не ме фаќа“, „Не ми е денот“, „Залудно е да се напијам“, „Некои момчиња не признаваат“… додека со песната „Марама“, на меѓународниот поп-фестивал во Зрењанин во Србија, ја однесе победата од страна на стручното жири. Со тоа, само ја зацврстија својата позиција меѓу најпопуларните македонски изведувачи во 90-тите години на минатиот век.
Сепак, зад сцената, богатиот живот на Дуле, за жал, заврши прерано и тажно. Тој почина на само 39 години, а обожавателите подоцна дознаа дека ја загубил битката со ракот. Наводно, иако никогаш не е докажано со сигурност, Дуле ја криел оваа тешка болест дури и од најблиските, со желба да ги поштеди од најлошото. Храбро замина, оставајќи ги зад себе во тага сите оние што многу го сакаат, кои сè уште ги има во огромен број. (Д. М.)