Министерството за култура и туризам, за 2026 година најавува отпочнување на сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за домашна и светска јавност. Покрај бројните артефакти и градби, она по што локалитетот стана познат во целиот свет се теракотните икони од 5 и 6 век, кои биле пронајдени во 1985 година и кои преставуваат уникатни наоди во светски рамки
Археолошкиот локалитет Виничко кале, каде што е откриено едно од најзначајните богатства на македонската археологија, теракотните икони кои претставуваат уникатен културен феномен со ретка уметничка и духовна вредност и сведочат за ранохристијанското минато на овој крај, ќе го добие своето заслужено место на светската културна и туристичка мапа. Министерството за култура и туризам, во 2026 година, преку своите институции ќе започне со реализација на сеопфатен проект за истражување, заштита, конзервација и ревитализација на локалитетот. Проектот вклучува целосна конзервација на објектите и на бедемите, структурна стабилизација на загрозените делови, како и современи археолошки истражувања, што ќе овозможат долгорочна заштита и достапност на локалитетот за домашна и светска јавност. Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната посета.
За значењето на овој локалитет лоциран на југозападниот брег на градот Виница, покрај Градешка река, и кој претставува утврдена населба од неолитот и доцната антика, со градби покрај градскиот бедем од 4 и 6 век кои целосно се зачувани, зборува и фактот што бил прогласен за културно наследство на Македонија со решение од 31 јануари 1955 година од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на култура, кое било надополнето на 17 јули 1992 година. Просторот што го зафаќаат остатоците од утврдувањето е околу 2,5 ха, а според површинските остатоци, населбата се простирала и на падините од ридот, како и на околните ритчиња. Со својата височина и положба, наоѓалиштето доминира над просторот од Виница, а има убава прегледност и над коритото на Брегалница.
Виничкото кале, кое било населено во младото камено време, енеолитот, железното време, со најстарите остатоци од зачуваните градби од раноантичкиот период, својот најголем развој го доживеало за време на римскиот период, а животот во населбата продолжил и во средниот век. Покрај бројните артефакти и градби, она по што локалитетот стана светски познат, се теракотните икони кои биле пронајдени во 1985 година и кои преставуваат најкарактеристични и уникатни наоди за македонската археологија. Овие теракотни релјефи содржат иконографски претстави со христијанска тематика, како и латински натписи со литургиска содржина. Датираат од 5 и 6 век и веројатно служеле како апликација на ѕидовите на гробните објекти во доцноантичкиот период во виничкиот градежен комлекс. Теракотните икони од Виничкото кале, кои биле откриени од археологот Цоне Крстевски, се единствени од ваков тип со непроценливо богатство од археолошка, уметничка и теолошка вредност. Инаку целиот фонд од истражувањата до 2002 година претставува 60-ина цели и стотина фрагменти керамички икони.


Иконите се изработени од калапена печена глина со димензии од приближно 30 х 30 сантиметри. На релјефните икони се преставени сцени од Стариот и Новиот завет. Тие имаат ретка уметничка и духовна вредност со својата симболика, стил и содржина и претставуваат врв на културното наследство не само на Виница туку и на целата држава, а препознаени се и ценети и надвор од нашите граници и се важен дел од европската и од светската културна мапа. Девет од овие теракотни икони од 5 и 6 век во 2017 беа претставени и во музејот „Ашмолијан“ во Оксфорд во рамките на значајната изложба „Религијата во големите империи“, но и ширум светот на најзначајните изложби.
– Целта е Виничко кале да стане централна точка за културен туризам, научни истражувања и едукативни програми во овој дел на државата. Тоа не значи само зачувување на наследството туку и нова перспектива за економски и туристички развој на целиот регион. Локалитетот ќе стане жив културен простор, отворен за сите граѓани, посетители и идни генерации, напомена меѓу другото министерот Љутков при вчерашната посета на локалитетот. (Д. Т.)












