Слем-поетот Виктор Спасески од Прилеп е победник на годинашното издание на „Поетски слем Македонија“, кое од 9 до 12 октомври по 15. пат се одржува во Прилеп. За првпат на финалната вечер имаше тројцапласирани со ист број поени, па слем-поетите мораа да настапат уште еднаш за жири-комисијата одново да гласа. Горазд Китановки – Кени и Валерија Дамчевска беа другите двајца кандидати во тесна конкуренција за првото место.

Виктор Спасески минатите две години двапати влезе во најтесна конкуренција за првото место на фестивалскиот слем. Тој следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.

За титулата национален претставник се натпреваруваа дваесетина учесници и учеснички на различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија, вклучително и од градовите Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид и Велес.

Последната вечер ја одбележа и специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој настапи во рамки на интернационалната програма. Слемерот Кевин Амсе, кој неколку години по ред бил финалист на Белгиското слем-првенство, настапи на фламански и на холандски јазик, а публиката имаше можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс литрача“. Стиховите на македонски јазик ги интерпретираше Игор Трпчески.

Вечерта се заокружи со концерт на македонскиот состав „Пијан Славеј“.

ИЗДВОЕНИ