Политиката на Унгарија претрпи драматична трансформација во текот на 16-годишното владеење со цврста рака на Фидес и на Виктор Орбан и, како резултат на тоа, владејачката партија навистина може овој пат да загуби на изборите. За оваа теза се согласуваат реномирани аналитички куќи, иако во оваа фаза од изборната кампања малку од нив се подготвени да дадат конечна прогноза за исходот од парламентарните избори во Унгарија, закажани за 12 април годинава.
Движењето „Тиса“, предводено од новата сензација на европската политика, Петер Маѓар, води со стабилна предност од девет до 12 проценти, според независните анкети. Како резултат на тоа, во потезите на „европскиот диктатор“, како што го нарекуваат Виктор Орбан повеќе од една деценија, може да се почувствува одредена доза на паника, поради што, како што пишува „Волстрит џурнал“, тој ја дизајнирал својата изборна кампања околу три клучни сегменти. Прво и можеби најважно, дури и пред формалниот почеток на кампањата тој почна да им дели социјални бенефиции на своите сонародници со цел дискретно да се обиде да се справи со фактот од кој е невозможно да се сврти главата: Унгарците не се соочиле со таков пад на животниот стандард од 2010 година, кога првпат дојде Фидес на власт. Вториот сегмент е тој да се претстави како лидер миротворец, за разлика од другите Европејци, кои „едвај чекаат војна со Русија“. Третиот, последен сегмент е: под негово водство, Фидес е единствениот чувар на унгарските интереси под бриселската чизма, која бара свои „марионети“.
Како што се наведува во обемната анализа на „Волстрит џурнал“, зелената политика сега му се удира на Орбан од глава: од една страна, тој е принуден да го нападне „империјалистичкиот Брисел, кој ја сака Унгарија под своја чизма“, а во исто време, целата економска структура на неговиот режим зависи од зелената политика на истиот тој Брисел.
– Наспроти сево ова, уште е рано официјално да се отпише Виктор Орбан. Политичарите од тој тип докажаа дека имаат девет животи и за повеќе од 15 години на власт прават сè што е во нивна моќ да останат во неа што е можно подолго – наведува весникот и меѓу поволните околности за Орбан ги наведува поддршката што ја ужива тој од сите тројца лидери на „новиот поредок“: Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг.
Но, неговите пресметки би можеле да ги расипат неодлучните избирачи, кои, според најновите статистички податоци, бројат 16 проценти и во февруари, само два месеци пред историските избори, сè уште не знаат за кого ќе гласаат.












