„Ноу бордерс oркестра“ (No Borders Orchestra), оркестар составен од врвни музичари од просторот на поранешна Југославија, е вистински пример дека музиката не познава граници, а македонската публика на 5 септември (20:00 ч.) ќе ја има ексклузивната можност, во камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, премиерно да го проследи неговиот уникатен музички настап. Со познатиот македонски музичар, тромбонистот Виктор Илиески, кој е и поранешен директор на Македонската филхармонија, но и член на овој единствен оркестар, зборувавме за претстојниот концерт, но и пораката што ја носи

 

Велат, музиката не познава граници, ги спојува народите и го облагородува животот. Токму „Ноу бордерс oркестра“, оркестар составен од врвни музичари од просторот на поранешна Југославија, е вистински пример за тоа, а македонската публика на 5 септември (20:00 ч.) ќе ја има ексклузивната можност, во камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје, премиерно да го проследи уникатниот музички настап.

Со познатиот македонски музичар, тромбонистот Виктор Илиески, кој е и поранешен директор на Македонската филхармонија, но и член на овој единствен оркестар, зборувавме за претстојниот концерт, но и пораката што ја носи. Според Илиески, кој овој пат е еден од организаторите на настанот кој се случува како дел од турнејата насловена „Трнинг поинт“ и на кој ќе настапат гудачите од „Ноу бордерс oркестра“, публиката може да очекува врвно музичко доживување.

Виктор Илиески, тромбонист и еден од организаторите на концертот во Скопје Фото: Маја Аргакијева

– Како музичар, со овој оркестар имав можност да настапам на престижни фестивали низ целиот свет, како во Австралија, Макао, Јужна Кореја, во Европа во Виена, Парис, Лондон, Берлин, Хамбург, Стразбур, Неапол, Марсеј, Лисабон, Џирона, Тулуз, Мотпеје, Љубљана, Белград. А сега, во 2025 година, сум пресреќен што успеавме да обезбедиме услови да се организира концерт во Скопје, во мојата матична институција – Македонската филхармонија. Но, овој пат сум во улога на еден од организаторите на овој концерт, а би сакал да му се заблагодарам и на австрискиот амбасадор, Мартин Памер.

Инаку, програмата за оваа турнеја, „Трнинг поинт“, е конципирана со едни од најубавите и најзначајни дела за гудачи од Арнолд Шемберг, Рихард Штраус и од Густав Малер. Публиката ќе има можност да ги слушне и делата од нашата македонска композиторка Дарија Андовска, Нина Перович (Црна Гора), Давор Винчеи (Хрватска) и од Марко Никодијевиќ (Србија) – вели Илиески, објаснувајќи дека програмата ја избира диригентот Премил Петрович, кој контактира со организаторите каде што гостува овој оркестар.

Премил Петрович, диригент

– „Ноу бордерс oркестра“ е оркестар во кој свират најдобрите професионални музичари од сите простори на бивша Југославија. Ние постоиме веќе 13 години, досега немавме можност да настапиме во Македонија и затоа многу се радуваме што, конечно, доаѓаме. Македонските музичари играат многу битна улога во нашиот оркестар. На пример Владимир Костов повеќе пати беше наш концерт-мајстор и солист. Оваа година имаме многу важна турнеја, снимаме ново издание за „Јуниверзал мјузик“. Во оркестарот ни се и: Мартин Димитров, кој ги води вторите виолини; Петруш Петрушевски, кој ги води контрабасите; Виктор Илиески, тромбонист и поранешен директор на Македонската филхармонија, кој со нас настапуваше во операта „Магбет“, со која три години ги обиколувавме сите континенти. Настапувавме на сите најзначајни фестивали во Европа. Ова не само што се одлични музичари, туку и прекрасни луѓе. Со нив се брзи и лесни комуникацијата и координацијата. Она што е поголем проблем е обезбедувањето средства за нашите настапи – вели Петрович.

А за формирањето, значењето и за пораката што ја носи овој оркестар, Илиески вели: „Идејата за создавањето на овој оркестар е да сe формира еден ансамбл во кој ќе членуваат уметници од сите републики од поранешна Југославија. Поентата е заеднички да музицираат уметниците и преку концертите, да иницираат позитивен општествен развој преку моќта на помирувањето и на креативната соработка. Целата поента на овој ансамбл е да бидат вклучени државјани од Србија, Хрватска, Косово, Словенија, Македонија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Музичарите, со огромна желба и љубов кон уметноста, заеднички може да подготвуваат одлични концерти. Заедништвото, кохабитацијата и сплотеноста на сите музичари во еден субјект е огромна работа и овој оркестар испраќа исклучителна порака до општествата дека, иако сега државите се поделени со формални граници, сепак, музичарите може да функционираат како еден субјект, и тоа во еден ваков успешен оркестар без граници, без поделби“.

Ноу бордерс оркестра Фото: Karlo Cargonja

Самиот Илиески се потсети и на своите почетоци од соработката со оркестарот.

– Во 2011 година, тимот на „Ноу бордерс oркестра“ објави аудиции во сите поранешни југословенски републики. Меѓу тие држави беше и Македонија. На аудицијата имаше пријавено значителен број уметници од сите држави. Имаше оформено комисија од уметничкиот директор и диригент на оркестарот, Премил Петрович, кој, исто така, беше присутен на аудицијата. Ја положив аудицијата и бев примен во групата тромбони, а веќе во 2012 година бев поканет на првите концерти, да бидам дел од овој прекрасен оркестар – вели Илиевски.

Тој додава дека за оваа година се планирани четири гостувања: во Мостар, Приштина, Тирана и првиот настап во нашата држава, во Скопје, на 5 септември, во камерната сала на Македонската филхармонија.

– Исклучително битно е да се напомене дека овој оркестар од први до трети септември, во Скопје, во студиото на „Фејмс“, го снима второто цеде за престижната дискографска куќа „Јуниверзал мјузик“. Првото цеде беше издадено со потписот на престижната куќа „Дојче грамофон“, а беше снимено во салата на Словенечката филхармонија.

Инаку, „Ноу бордерс oркестра (НБО)“, ансамбл што веќе една деценија ги надминува етничките, религиозните и националните разлики преку музиката, е пример за единство во различноста. Не само што беше крунисан во 2023 година со наградата за шампион на регионалната соработка именувана по д-р Ерхард Бусек, која ја доделуваат Советот за регионална соработка и австриското Министерство за надворешни работи, туку го сними и своето прво издание за „Јуниверзал мјузик“ под етикетата на „Дојче грамофон“, најважната издавачка куќа во светот. Тоа многу зборува за уметничкиот квалитет на овој ансамбл.

– Светот, кој во последните години беше погоден од разни кризи, има потреба од промени на различни нивоа. Оркестарот ја гледа оваа криза како можност и шанса за обединување во борбата за подобар свет. Преку врвна музика и проектот „Трнинг поинт“, НБО нè потсетува дека е можно да се надминат разликите и да се создаде подобар свет преку заедништво. Овој концерт ни дава можност публиката да доживее силна уметничка порака, која нè води кон цивилизација заснована на мир, разбирање и на заедничко дејствување – велат организаторите на овој музички настан, уникатен по многу нешта. (Д. Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ