среда, јануари 21, 2026
Дома КУЛТУРА Виена пред тешка одлука: Привремено се затвораат неколу музеи поради кратења на...

Виена пред тешка одлука: Привремено се затвораат неколу музеи поради кратења на буџетот за култура

29
Фото:By Hannes Sallmutter - FOTOREPORT.at, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org

Градот Виена привремено ќе затвори неколку музеи посветени на познати композитори оваа година, како дел од мерките за штедење и намалувањето на буџетот за култура за да се исполнат целите за јавна потрошувачка, објавија денес градските власти.

Како што објави директорот на музеите во Виена, станот каде што починал австрискиот композитор Франц Шуберт, резиденцијата на Јохан Штраус, како и куќата каде што живеел Јозеф Хајдн ќе бидат привремено затворени, пишува „Гардијан“.

Мерките се дел од поширок пакет за штедење кој вклучува и зголемување на цените на јавниот превоз во австриската престолнина за речиси 30 проценти за некои билети.

„Сите мора да штедиме пари. Ова е реалноста во која живееме“, рече Матијас Бунцл, директор на јавната установа „Музеи Виена“, која управува со бројни историски места во Виена.

Виена, под покровителство на династијата Хабсбург, стана една од водечките културни престолнини во Европа за време на барокот и крајот на 19 век, домаќин на уметници како Моцарт и Бетовен, како и на уметниците Густав Климт и Егон Шиле, објаснува „Гардијан“.

Иако музеите погодени од намалувањата се претежно помали објекти со минимални трошоци за персоналот, се очекува нивното затворање да трае две години, изјави  директорка за финансии Кристина Шварц.

Буџетот за градските музеи е намален од 29,7 милиони евра во 2025 година на 28,4 милиони евра оваа година, а дополнителни намалувања се планирани за 2027 година.

Станот каде што починал Шуберт е затворен од почетокот на годината, додека куќата на Хајдн и станот на Штраус ќе бидат затворени од 2 март.

Родната куќа на Шуберт исто така ќе биде затворена од истиот датум поради реновирање и е предвидено повторно да се отвори во 2028 година, на 200-годишнината од неговата смрт.

Дополнително, неколку други музеи во Виена ќе го намалат своето работно време, меѓу кои Музејот Пратер, Вилата Хермес, црквата Ото Вагнер, Дворскиот павилјон Ото Вагнер во Хицинг и Павилјонот Ото Вагнер на Карлсплац, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ