Учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија со 30 избрани творби беа дел од престижната изложба „Мојата омилена книга“ во Париз. Во конкуренција на девет француски училишта, младите уметници од Македонија повторно ја претставија својата креативност пред меѓународната публика. Проектот ја поврзува литературата со визуелната уметност и поттикнува љубов кон читањето и кон француската култура. Изложбата е поддржана од француското Министерство за култура и веќе пет години успешно ја обединува детската имагинација од повеќе европски земји

Во познатата париска галерија Galerie Menil 8, од 11 до 15 февруари 2026 година беше отворено петтото издание на изложбата „Мојата омилена книга“, на која беа претставени цртежи инспирирани од омилените литературни дела на младите автори. Покрај ученици од девет основни училишта од Париз, третпат по ред учествуваа и учениците од ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија.
На покана на ликовната уметница со македонско потекло, Анита Алабо и визуелната уметница од Франција, Јоланда Ајо, член на асоцијацијата на ликовни уметници од Париз, гевгелиските основци од четврто до деветто одделение создадоа 150 ликовни творби под менторство на наставниците Александар Јанев и Наташа Смилкова. Од нив, стручна комисија составена од ликовни уметници и наставници од Гевгелија избра 30 најдобри дела кои беа изложени во Париз. Претходно, гевгелиската публика имаше можност да ги види творбите на изложба во хотелот „Аполонија“.
– Можноста нашите ученици да учествуваат на изложба на меѓународно ниво е од огромно значење. Овој проект промовира културна размена, поттикнува креативност и инспирира поголема љубов кон францускиот јазик и култура. Се надевам дека следната година, покрај цртежите, во Париз ќе присуствува и делегација од општина Гевгелија – изјави наставничката Наташа Смилкова.
Проектот „Мојата омилена книга“ е иницијатива на Јоланда Ајо, која преку работилници во текот на годината им помага на учениците да научат како да дизајнираат корица на книга. Освен ликовни, таа организира и креативни работилници за пишување, со цел да ги доближи литературата и уметноста до младата публика.
– „Вие сакате да читате, па цртајте“ е повикот што ги обединува сите учесници. Идејата е да ги славиме уметноста и литературата, нудејќи им можност да ја создадат корицата на својата омилена книга. Застапени се сите жанрови – од стрипови и поезија до книги на странски јазици. Овие корици претставуваат мост меѓу литературата, детската креативност и визуелната уметност – истакна Јоланда Ајо на отворањето.
Во рамки на изложбата беа организирани и придружни настани, меѓу кои раскажување приказни на знаковен јазик и театарската претстава „Достава на книги“. Петтото издание на проектот доаѓа по успехот на претходните четири години, а поддршката ја обезбедува Министерството за култура, со што оваа иницијатива продолжува да ја слави креативноста на децата од Франција и Европа.
(Љ. А.)












