Карлос Алкараз и Јаник Синер одиграа епски меч во финалето на Ролан Гарос и најавија возбудливи дуели во годините што следуваат. По пет часа и 29 минути игра, и спасени три меч-топки, Шпанецот влезе во историјата, а поранешниот прв светски рекет, Матс Виландер, смета дека овој треба да се прогласи за најдобар тениски натпревар на сите времиња.

По навистина спектакуларното финале, Виландер ги спомена натпреварите меѓу Рафаел Надал и Роже Федерер, без да потсети на Новак Ѓоковиќ и натпреварите што беа незаборавни – кога спаси две меч-топки против Федерер на Отвореното првенство на САД во 2011 година или кога играше против Надал пет часа и 53 минути на Отвореното првенство на Австралија.

  • Ги гледав Федерер и Надал кои одиграа неколку добри финалиња, но ништо не се споредува со ова. Си помислив „ова не е можно“, тие играат со натчовечко темпо. Ова се двајца од најдобрите спортисти што човечката раса може да ги има, а сепак се само тенисери. Чувствувам гордост и чест ми е што го играв овој спорт и се надевам дека ја инспирирав идната генерација – изјави Виландер за „ТНТ Спорт“.

Без сомнение Италијанецот и Шпанецот се двајца млади играчи што нудат одлучна забава за фановите, момци кои почнуваат да градат нова тениска приказна.

  • Беше апсолутно неверојатно. Очекувањата се големи за натпреварот меѓу овие двајца бидејќи одиграа неколку неверојатни натпревари, почнувајќи од Отвореното првенство на САД во 2022 година. Секој натпревар што го играат е брутално физички, емотивен, а тенисот што го играат е неверојатен – додаде поранешниот „број 1“.

Јаник Синер имаше три меч-топки во спектакуларното финале, малкумина веруваа дека Карлос Алкараз ќе може да го сврти овој натпревар. Сепак, среќата, публиката и свежината беа заштитен знак на Шпанецот. Прво го доби брејкот, потоа го задржа сервисот и полека почна да испишува историја.

ИЗДВОЕНИ