Австралискиот олимписки дресураџија за јавање Хит Рајан (66) е суспендиран од Австралиската коњичка асоцијација откако се појави видео на кое се гледа како постојано камшикува коњ, објави „Би-Би-Си“. Рајан, кој ја претставуваше Австралија на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, рече дека видеото е старо околу две години и дека сè што направил било „во најдобар интерес на коњот“. На видеото се гледа како човекот го камшикува коњот околу 40 пати. Рајан објасни дека коњот, по име Нико, дошол кај него по несреќа во која претходниот јавач претрпел повреди што барале болничко лекување.

  • Нико секогаш беше проблематичен и едноставно не престануваше. По снимката успеав да му најдам нов дом. Многу ми е жал што сè беше снимено на видео. Да мислев на себе, веднаш ќе слезев од коњот и ќе го испратев во кланица. Тој момент беше прашање на живот или смрт за Нико и морав да направам сè што е во моја моќ за да видам дали има друга опција за него. Сè што направив, го направив искрено и во негов најдобар интерес. Неверојатно е што сè им успеа на сите освен на мене, по објавувањето на ова видео, рече Рајан.

Откако снимката стана јавно објавена, Австралиската коњичка спортска асоцијација објави дека добила формална жалба за својот член и дека Хит Рајан е привремено суспендиран од сите натпревари и настани.

  • Австралиската коњичка федерација е длабоко вознемирена и загрижена од начинот на кој се третираше коњот, како што се гледа во видеото. Нашите правила вклучуваат високи стандарди за заштита на сите учесници и нивните коњи од физичка, социјална и емоционална злоупотреба, се вели во соопштението на националната федерација.

За потсетување, британската трикратна олимписка шампионка Шарлот Дужарден ги пропушти Олимписките игри во Париз минатата година откако се појави видео на кое таа постојано удира нозе на коњ со долг камшик. Меѓународната коњичка федерација потоа ја успендираше Дижарден на една година.

 

ИЗДВОЕНИ