Славната пејачка на македонски стари и нови фолк-песни, Виданка Ѓорѓиевска, пред некој ден наполни 78 години. А, нејзиниот живот сè уште е исполнет со песна, со настапи и со голема љубов кон македонскиот фолклор.
Родена е во 1948 година, во скопската населба Горно Лисиче. Уште во младоста го избра патот по кој ретко се оди докрај, бидејќи сите сакаат наеднаш да станат популарни и материјално богати. Таа оди по тој пат побавно, но трајно. По патот на македонската традиција. Нејзината професионална кариера започна во 1966 година и децении потоа, таа му остана верна на автентичниот македонски израз. Изгради препознатлив стил на пеење. Има глас што се памети од прво слушање. Во својата богата дискографија, има издадено 13 албуми и 3 видеоалбуми – сведоштво за континуитетот, кога македонскиот етнофолклор често мора да се бори за својот опстанок. Нејзиниот топол вокал ја направи да биде една од најпочитуваните интерпретаторки на народни и на новосоздадени фолклорни песни. Публиката ја памети по безвремените изведби на: „Многу мерак имам, бабо“, „Каде е Велко комита“, „Јоване, море Јоване“, „Кирјана вино продава“, „Иди дојди, Елено моме“, „Либето војник ми отиде“….
Важно место во нејзината кариера има патриотскиот фестивал „Гоце-фест“, каде што е редовен учесник. Песните „Одново ВМРО се роди“, „Егејска“ и „АСНОМ-1944“ не се само музички дела туку и културни документи што, преку нејзината интерпретација, добиваат дополнителна тежина. Виданка Ѓорѓиевска одамна ги надмина границите на Македонија. Со 18 концерти во САД, 14 во Австралија и со бројни настапи во Европа, таа се вбројува меѓу најзначајните музички амбасадори на македонската песна меѓу иселениците.
И денес нејзиниот глас не само што не старее туку и продолжува да живее. Оваа пролет во мај, во беровскиот крај, ќе имаме убава можност да ја слушаме во живо, со најновата песна, „A, бре дедо, стар бел дедо“, на второто издание на фолк-фестивалот „Владимирово 2026“, во организација на маестро Горан Алачки. (Д. М.)












