Учениците и наставниците добија „Водич за вештачка интелигенција“ |
Вештачката интелигенција влегува во образовниот процес, а наставниците и стручните соработници ќе треба да научат како најлесно да го пренесуваат знаењето за придобивките и за ризиците од користењето на вештачката интелигенција, но, исто така, и да препознаваат злоупотреба на новите технолошки алатки од страна на младите. И учениците ќе треба научат етички да ја користат вештачката интелигенција за образовни цели и да препознаваат можни манипулации и злоупотреби на приватноста. За таа цел е изработен „Водич за вештачка интелигенција“, кој беше презентиран во Министерството за образование и наука, а кој, освен на наставниците и на учениците, ќе им користи и на стручните соработници.
„Водичот“ во електронска форма ќе биде споделен со сите училишта и многу скоро, заедно со Факултетот и со Бирото за развој на образованието, ќе се започне со обука за наставниците, односно ќе се обучуваат менторите, кои понатаму ќе им го пренесуваат знаењето на сите наставници во училиштата.
– Како што најавив, оваа учебна година вештачката интелигенција влегува во училиштата. Сосема логичен и нужен чекор во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, што значително ќе ги унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија. Се работи за технолошка иновација чија примена во сите сфери е глобален тренд, а ние, како Влада, со поширока поддршка од професорската и од експертската заедница, заедно со наставниците, ќе се трудиме да го следиме тој тренд – рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа информираше дека во моментов има јавен повик за пријавување наставници само од средните училишта, за едукација во Бреинстер.
За „Водичот“ за примена на генеративната вештачка интелигенција во образованието рече дека на 120 страници, сеопфатно се осврнува на историјата на вештачката интелигенција, на дефинициите за неа, на видовите вештачка интелигенција, како и на примената на најпознатите алатки на вештачката интелигенција за создавање и уредување текст, за слики и мултимедија, за истражување и учење, за музика и слично.
Деканот на Факултетот за информатика од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, Сашо Коцески, рече дека вештачката интелигенција се развива со голема брзина. Тешко е, додаде, во еден документ да се опфатат сите работи, па затоа се препорачува да се надградува „Водичот“.
– Едукацијата е најдобра превенција. Најдобро е да се едуцираат децата, но и наставниците – рече тој, посочувајќи дека децата имаат пристап до вештачката интелигенција.