понеделник, февруари 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Ветувани 50.000 евра – давани 5.000 евра за „туркање“ апликација – дел...

Ветувани 50.000 евра – давани 5.000 евра за „туркање“ апликација – дел од осомничените остануваат во притвор

559
Обвинение за ИПАРД, отворена  предистражна постапка и за други злоупотреби со фондовите

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против повеќе лица осомничени за незаконско влијание врз постапка за доделување средства од ИПАРД програмата, која во моментов е сопрена поради истрагата за злоупотреби.

Обвинителството информира дека едно лице се товари за кривичните дела давање поткуп и давање награда за противзаконито влијание, три лица за примање награда за противзаконито влијание, а уште едно лице за примање поткуп.

Според наводите во обвинението, првообвинетиот како управител на кривично одговорно правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој и поднел барање за користење финансиски средства преку ИПАРД програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.

Обвинителството тврди дека со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараните сретства во целост да бидат одобрени, управителот во повеќе наврати ветувал и давал пари.

На раководно службено лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука која не смеела да биде донесена.

Во текот на истражната постапка обвинителството утврдило кривична одговорност и кај уште четворица државни службеници вработени во Агенцијата, против кои е поднесен обвинителен предлог за злоупотреба на службената положба и овластување, додека на  правното лице на товар му се става кривичното дело давање поткуп.

Обвинителството соопшти дека поради тоа што и натаму постојат законските основи поради кои на четворица обвинети им била определена мерка притвор, а на едно лице мерка куќен притвор, до судот е поднесен предлог за продолжување на мерките. За обвинетите државни службеници, со посебен предлог се предложени мерки на претпазливост. Со обвинителниот акт јавниот обвинител предложил и одземање на предметите употребени за извршување на кривичното дело, односно мобилни телефони, медиуми за складирање дигитални податоци и парични средства во износ од 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.

Од прибраниот доказен материјал, како што информира ОЈО ГОКК, произлегле и индиции за постапување со средствата од ИПАРД програмите, поради што е отворена предистражна постапка која е во тек. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ