Ветрот го разгорува пожарот во Јасен     

32

Пожарот во националниот парк „Јасен“ сè уште им предизвикува главоболки на нашите надлежни национални сили, кои водат неуморна битка со него.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасува (ДСЗ), Стојанче Ангелов, вели дека тој е исклучително тежок за гаснење, бидејќи постојано дува ветер и ги менува брзината и правецот на ширење.

– Уште од рано изутрината, на самото место беа специјалната единица на МВР и на АРМ, вработени од НП „Јасен“ и ЈП „Национални шуми“, како и пожарникари од Кавадарци. Хеликоптерот со кој се гасне пожарот дејствува прецизно, но постојано дува ветер и исклучително ја отежнува операцијата – изјави Ангелов.

Освен хеликоптер, вклучени се и четири „пинц гауери“ на ДЗС и два хермелина со шесттонска и со осумтонска цистерна.

На фејсбук-профилот на Единицата за брзо распоредување беа споделени фотографија и натпис во кои се истакнува како неуморно се борат нејзините припадници со пламенот во реонот на НП „Јасен“.

– Припадниците на Единицата за брзо распоредување и денес неуморно се борат со пламенот во реонот на Јасен. Цел ден на терен, со колегите и со другите служби, тие ги ставаат своите сила, знаење и храброст во заштита на природата и безбедноста на граѓаните. Нивните посветеност и пожртвуваност се најголемата инспирација и доказ дека вистинските херои носат униформа. Благодарност до сите што се борат со огнената стихија – пишува во фејсбук-статусот на Единицата за брзо распоредување.

Ангелов истакна дека дел од пожарите се подметнати, со оглед на тоа што бројот во текот на вчерашниот ден бил огромен.

Освен овој, според информациите од Центарот за управување со кризи, денеска биле активни уште два пожара, и тоа во Општина Струга, кај Октишка Краста, каде што гори ниска вегетација и во атарот на селото Могила во Општина Могила, каде што, исто така, гори ниска вегетација.

Под контрола е пожарот во селото Радуша, кон селото Дворце, додека изгаснати се пожарите во селото Челопеци во Општина Кичево, во селото Крапа во Општина Македонски Брод и во атарот на селото Нерав, на местото викано Биљино.

 

Фрлал камења на хеликоптер додека полнел вода од Лепенец за гаснење на пожари

Поради тоа што фрлал камења на полициски хеликоптер додека полнел вода за гасење на пожари низ државата, скопјанецот И.А.  (55 години), бил лишен од слобода од полициски службеници од ПЦ  Карпош во вторникот вечерта, во 18:55 часот.  Тоа било сторено поради сомнение за сторено кривично дело по член 303 од Кривичниот  законик (загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај).

-На 06.07.2025 околу 18 часот, додека полицискиот хеликоптер приоѓал кон местото каде реката Лепенец се влива во реката Вардар со цел да наполни вода за гасење на пожарот во реонот на Блаце, пилотите забележале лице кое влегло во плиткиот дел на коритото на Вардар и мавтало со рацете, по што од лица кои биле присутни на местото на настанот биле известени дека лицето фрлало со камења кон воздухопловот Белл 412 и поради тоа биле принудени да го променат местото на полнење на вода, затоа што биле ставени во крајно безбедносно загрозување и тоа додека извршувале задачи за потребите на државата и граѓаните – појаснија  од МВР.

Оттаму, додаваат дека по преземени мерки и активности, И.А. бил  пронајден и лишен од слобода и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ