Општина Штип и ветеринарен оператор од Куманово во јануари, во три наврати, заловувале кучиња скитници во централното градско подрачје и во населбите во Штип.
Комуналниот инспектор Борче Везенков посочи дека последниот пат биле заловени седум бездомни кучиња. Тој апелира сопствениците да се грижат за своите домашни миленици и да не ги оставаат на улица.
– Општина Штип има оператор од Куманово што доаѓа и ги заловува кучињата скитници, а, исто така, го прави тоа и по пријави од граѓани – објаснува Везенков.
Тој додава дека граѓаните можат да пријавуваат доколку има кучиња скитници на нивните улици или во нивните населби.
Везенков објаснува дека откако ќе бидат заловени од ветеринарната станица Куманово и соодветно третирани, бездомните кучиња повторно се враќаат назад. Според него, единствен спас е измена на Законот, со цел сопствениците на домашни миленици што ги оставаат на улица да бидат казнети.
– Едно од решенијата што може да биде во иднина е со промена на Законот на благосостојба на животните, каде што сопствениците на кучиња ќе може да бидат казнети доколку бидат фатени нивните кучиња на улица – изјави Везенков.












