Ветераните Стоје Арсовски и Васко Михалчев, иако можеа да уживаат во пензионерските денови, и летово одговорија на повикот на државата од воздух да се борат против огнените стихии. Двајцата го заменија пензионерското со пилотското столче. Граѓаните ги нарекуваат херои, додека тие даваат сѐ од себе за да помогнат. Откако почнаа пожарите, тие се по шест часа дневно во авионите. Велат дека еднаш гаснат пожар на еден терен, а во следниот миг добиваат повик да одат на друго место. 

Немаат наследници во кабината на два од трите „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Стоје вели дека потпишале двегодишен договор со ДЗС, период во кој државата се заложила да обучи нови кадри. Се надева дека набргу ќе се најдат кандидати и ги повика младите да размислат за оваа професија, во која, вели, набргу ќе се вљубат

Стоје, Васко и Метотка се тројцата пилоти на Дирекцијата за заштита и спасување што ги возат противпожарните авиони „ер трактор“ и секојдневно фрлаат тони вода врз пламените јазици што ја пустошат Македонија. Граѓаните ги нарекуваат херои, додека тие даваат сѐ од себе за да помогнат. Откако почнаа пожарите, тие се по шест часа дневно во авионите. Велат дека еднаш гаснат пожар на еден терен, а во следниот миг добиваат повик да одат на друго место.

Ветераните Стоје Арсовски и Васко Михалчев, иако можеа да уживаат во пензионерските денови, со своите внуци, деца и со сопругите, и летово одговорија на повикот на државата од воздух да се борат против огнените стихии. Двајцата го заменија пензионерското со пилотското столче.

Оние што лично ги познаваат велат дека тоа се луѓе со срце како планина и дека секој што се бори со пожарите, треба да биде вреднуван и ценет од сите во државата.

Глетката на пожарите, од нивна перспектива, е жална и тажна, но во изминативе 16 години, како што ги возат „ер тракторите“, виделе сè и сешто и, како што потенцираат, се навикнале.

Стоје е маџирмаалец и иако пензиониран, како и Васко, и годинава, како и лани, се одзва на повикот на ДЗС. Двајцата потпишаа двегодишни договори за ангажман за потребите на Дирекцијата, во која Стоје работел 15 години, а претходно, од 1975 година, летал во авиоклубови.

Стоје Арсовски

– Откако ги потпишавме договорите, немаме слободен ден. Работиме по 12 до 14 часа дневно, мора да се помогне. Кога ти кажуваат каде да одиш, влегуваш во авион и за пет-шест минути си во воздух. Летаме два пати по три часа, а потоа имаме два часа одмор за да може да се подготви и да се излади авионот за следниот лет – вели Стоје во телефонски разговор за весникот ВЕЧЕР.

Со него поразговаравме откако се имаше вратено од гаснење пожар, во базата на аеродромот Петровец.

Дирекцијата за заштита и спасување има три „ер трактори“, од кои во функција се два (едниот авион неодамна се врати од сервис), а третиот и натаму се поправа. Стоје вели дека за разлика од други години, оваа имаат постојани проблеми со техниката на авионите.

– Ова се 16 години стари авиони, мајсторите постојано ги оспособуваат. Досега требаше да им ги сменат моторите со појаки, ама… – вели Стоје.

Тој нагласува дека поради големиот број пожари, не може да си го планира времето. Вели дека неговите домашни се навикнале на неговото работно време затоа што цел живот го работи тоа.

Метотка Стојанов и Васко Михалчев

Додека разговаравме со Стоје, Васко и другиот пилот, Метотка Стојанов, кој е редовно вработен во ДЗС, беа во воздух и гаснеа пожари. Стоје вели дека потпишале двегодишен договор со ДЗС, период во кој државата се заложила да обучи нови кадри. Се надева дека набргу ќе се најдат кандидати и ги повика младите да размислат за оваа професија, во која, вели, набргу ќе се вљубат.

– Би сакал младиве да покажат малку интерес, да се обидат да видат дали би можеле да го работат тоа, затоа што кога ќе влезеш во тој свет, сè повеќе го сакаш – додава Стоје.

Директорот на дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, посочи дека, покрај пензионираните, се разговара со уште тројца пилоти. Вели дека е потребно трајно решение на овој проблем. Тој посочи дека платата на десеттемина вработени во Одделението за специјализирани воздухоплови во ДЗС е покачена за 100 %.

– Конечно, нивните плати се изедначени со платите на летачкиот персонал во Армијата и во МВР. Платите на пилотите на воздухоплови од типот амфибии, со кои располага ДЗС, во Европа се многу повисоки и се движат околу 30.000 евра месечно, додека кај нас се постигна еден разумен однос на висината на платата – истакна Ангелов.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ