Градот е замислен како утописки идеал, израснал од ништо и станал сè. Таму, времето не мирува – минатото шепоти, иднината пулсира, а сегашноста инспирира. Градот прегрнува религии, култури и народи и сите ги нарекува свои. Во утринската светлина, фасадите раскажуваат приказни за соништата на една држава. Астана е повеќе од географија – таа е идеја што постои и футуристички се развива
По слетувањето на меѓународниот аеродром во Астана, уште во раните утрински часови, веднаш се соочив со динамиката на градот: утрински шпиц, колони возила што тивко се влеваат во широките авении и совршено организиран сообраќај што функционира како синхронизиран механизам на часовник. Иако беше рано, градот веќе пулсираше со енергија, како никогаш да не заспива.
Секој чекор низ Астана е како прошетка низ урбанистичка утопија. Булеварите се толку широки што помеѓу двете страни на улицата има доволно простор за неколку ленти, велосипедска патека, ред дрвја и цели плоштади. Има метеж, но нема клаустрофобија – сè е отворено, дише и во исто време изгледа строго и организирано.
Најимпресивен дел од градот, секако, е левиот брег на реката Есил (Ишим), таму е новата Астана, изградена од нула. Архитектурата е спој на традицијата и на футуризмот, на симболиката и на моќта.
Стоев на широкиот булевар „Нуржол“, додека утринските зраци се одбиваа од стаклените фасади на зградите што изгледаа како да се пренесени од научнофантастичен филм. Астана не е град што органски растел низ вековите, тој е замислен, нацртан и изграден за да биде главен град на независен Казахстан. Од пустите степи во срцето на Евроазија, таму изникнала метропола со булевари широки како реки и згради што раскажуваат за амбиција, иднина и за моќ.
Но, Астана не е само архитектонска визија туку и симбол на модерниот казахстански идентитет: држава што сака да остане световна во регион длабоко вплеткан во религијата. Минав покрај џамија што може да прими десетици илјади верници, а само неколку улици подалеку, минарињата се заменети со златни куполи на православни цркви. Таму, исламот и христијанството не се исклучуваат – тие коегзистираат во држава што ги истакнува својата верска почит и толеранцијата.
Астана е град на контрасти: зимите се сурови, а амбициите високи; старото и новото се во постојан дијалог; верското и секуларното се во тенка, но стабилна рамнотежа. Во оваа репортажа, ве водам низ град што е повеќе од административен центар – Астана е слика на државата што гради иднина по своја мера.
Зелен појас за заштита на градот
Најмлада престолнина во светот, град на мирот и на хармонијата изграден во срцето на казашката степа. Денес, Астана привлекува туристи од целиот свет благодарение на својата уникатна архитектура. Новите делови на градот, со широки булевари и необични згради, се изградени од темел на левиот брег од реката Есил.
Основана во 1830 година, како утврдување на сибирските Козаци, населбата во 1832 добила градски статус и била преименувана во Акмолинск. Во 1961 година, била преименувана во Целиноград, а во 1992 го добила името Акмола.
Официјалниот трансфер на престолнината од Алмати во Акмола се случил во декември 1997, а во мај 1998, со претседателски указ, името било променето во Астана. Во 1999 година, Астана добила меѓународно признание. Тогаш, УНЕСКО ѝ ја доделил титулата град на мирот.
Астана се смета за втората најстудена престолнина во светот, по Улан Батор во Монголија. Реката во градот обично е замрзната од втората недела на ноември до почетокот на април. Пролетта, летото и раната есен се пријатни, со умерени температури.
Во 1997 година, бил започнат проект за заштита на градот од силни ветрови – „Зелен појас“, со садење милион дрвја на површина од 80.000 хектари. Секоја година се садат околу 5.000 нови дрвја. Оваа еколошка иницијатива има цел да ја подобри урбаната екологија, да создаде повеќе зелени простори и да придонесе за благосостојбата на жителите. Во појасот може да се сретнат различни видови птици, инсекти и мали цицачи, како и многу видови дрвја и цвеќиња.
Архитектура и култура
Архитектонската концепција на градот се заснова на хармоничното спојување на источната и на западната културна традиција. Познатиот јапонски архитект Кишо Курокава е еден од главните автори на планот за развој на Астана. Британскиот архитект, лорд Норман Фостер, е автор на некои од најпознатите објекти, како што се Палатата на мирот и слогата и трговскиот центар „Кан Шатир“.
Иако е млада престолнина, Астана има богата културна сцена со бројни театри, музеи, концертни сали, библиотеки и галерии.
Кулата „Бајтерек“ – дрво на животот
„Бајтерек“, златниот столб на животот, се издигнува во срцето на Астана како архитектонска алегорија на едно древно казашко предание. Според митот, митската птица Самрук го положува своето златно јајце – симбол на сонцето, животот и обновата – во гранките на дрвото на животот, додека под него демне злобниот дух Аидахар, симбол на темнината и на злото. Зборот „бдајтерек“ значи „висока топола“ на казашки.


Кулата е висока 105 метри, со сферична златна купола од стакло на врвот, која го претставува токму тоа златно јајце. Внатре, посетителите со лифт се искачуваат до платформата за набљудување, каде што има панорамски поглед на модерната престолнина, меѓу другото и кон Претседателската палата, бела зграда со сина купола, која ги симболизира политичкиот подем и независноста на современ Казахстан.
Кулата „Бајтерек“ не е само симбол на митот туку и на државноста. Таа била замислена и реализирана по иницијатива на првиот претседател на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, кој го преместил главниот град од Алмати во новата престолнина – денешна Астана (порано наречена Нур-Султан во негова чест).

Во златната сфера на кулата, посетителите може да го видат и отпечатокот од дланката на Назарбаев, излеана во злато. Таа е поставена врз платформата наречена „Арлау“ (значи „благослов“), каде што посетителите можат да ја стават својата рака врз отпечатокот и да замислат желба. Подот под дланката се осветлува, а се слуша и химната на Казахстан – симболичен момент што ги спојува духовноста, традицијата и државноста.
Околината на Бајтерек е опкружена со монументални згради: министерства, корпорации и културни институции, со фасади украсени со куполи, арки и со модерни дизајнерски елементи. Сето тоа сведочи дека Астана не е само административен град туку и внимателно осмислен проект – визија за иднината на Казахстан, каде што коегзистираат традицијата и модернизамот.
Пирамидата во Астана – палата на мирот и слогата

Палатата на мирот и слогата, позната и како Пирамидата во Астана, е еден од најпрепознатливите симболи на главниот град на Казахстан. Изградена според замислата на британскиот архитект Норман Фостер, оваа архитектонска пирамидална структура е висока 62 метри и широка 62 метри, со совршена геометриска форма што ги симболизира единството, рамнотежата и вечноста.
Пирамидата им е посветена на меѓурелигискиот дијалог и на глобалниот мир и била специјално изградена за да биде домаќин на Конгресот на лидерите на светските и на традиционалните религии. Внатре се наоѓаат амфитеатарот „Опера“ со 1.500 седишта, конференциски сали, простории за состаноци и стаклен врв, каде што се одвиваат најважните средби.
Горниот дел од пирамидата е изработен од шарено витражно стакло со гулаби, дизајнирани од уметникот Брајан Кларк, кои симболизираат мир и надеж. Пирамидата не е само објект туку и визија на современ Казахстан: отворен, толерантен и со стремеж кон светла иднина.
Секуларност
Во 1991 година, кога ја прогласил Казахстан својата независност, еден од најголемите предизвици бил како да се изгради национален идентитет што ќе ги вклучи сите: муслимани, христијани, атеисти, советски, номадски, руски и туркиски корени. Решение? Секуларност. Но, не агресивна, туку внимателна, инклузивна, традиционално модерна.
– Казахстан е секуларна држава, но не е безбожна. Имаме над 120 етнички заедници и десетици религии. Затоа верската толеранција не е луксуз, туку неопходност – ми кажа еден локален колега новинар.
Токму оваа секуларна рамнотежа овозможува религиите да бидат дел од јавниот живот, но без доминација.
Големата џамија
Чудото на современата исламска архитектура, Големата џамија во Астана, претставува извонреден спој на духовноста, уметноста и на иновацијата. Таа не само што ги воодушевува посетителите со својата архитектонска величественост туку и пренесува длабока симболика поврзана со исламската вера и со културата на Казахстан.

Ова е најголемата џамија во Казахстан и во цела Централна Азија, а воедно и една од десетте најголеми џамии во светот. Џамијата има капацитет да прими 30.000 мажи и 5.000 жени во внатрешноста, додека дворот може да собере уште 200.000 верници, особено во деновите на големите верски празници.
Главната купола се издигнува на висина од 83 метри, со дијаметар од 62 метри, создавајќи импресивна визуелна доминанта на хоризонтот на Астана. Џамијата има четири минариња, секое високо 130 метри, поделени на пет сегменти што ги симболизираат петте столба на исламот. Едно од минарињата е отворено за посетителите, кои со панорамски лифт може да уживаат во величествениот поглед кон градот.
Влезната врата е вистинско ремек-дело – изработена е од дрво увезено од Африка, со висина од над 12 метри и тежина од 1,5 тони. Таа е богато украсена со традиционални казашки орнаменти, додека надворешните ѕидови на џамијата се испишани со арапска калиграфија во бели букви на сина подлога, што создава впечаток на духовна чистота и на спокој.
Во внатрешноста, џамијата зрачи со 99 осветлени гравури со имињата на Алах, изработени од 25 милиони обоени стакленца, што е симболика на 99. атрибути на Севишниот во исламската традиција.

Целата површина на главниот молитвен простор е покриена со огромен рачно изработен тепих, кој се протега на 16.500 квадратни метри. Тепихот е направен од чиста волна од овци од Австралија, позната по својот квалитет и по мекоста. Овој тепих е еден од најголемите едноделни теписи во светот, специјално нарачан и изработен за оваа џамија, со дизајн што ги следи традиционалните исламски орнаменти и казашките мотиви.
Иако џамијата е голем духовен и културен објект, нејзината изградба не била финансирана од државниот буџет. Казахстан, како секуларна држава, не обезбедува средства за изградба на верски објекти, согласно со својата политика на раздвоеност на религијата и на државата. Најголеми донатори за изградбата на Големата џамија биле познатите светски компании „Сваровски“ и „Тифани“, кои со своите донации придонеле за нејзиниот луксузен и уметнички изглед, особено во деталите од стакло и кристал, кои ѝ даваат свечена и возвишена атмосфера.
Интересен е податокот дека во 1991 година, кога станал Казахстан самостојна држава, во земјата имало 68 џамии. Тој број е енормно зголемен и лани изнесувал дури 2.888.
Катедралата „Успение на Пресвета Богородица“
Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Астана е главната православна катедрала на Казахстан и важен централен храм за православната заедница во земјата. Изградбата на катедралата е релативно современа; таа е подигната со цел да одговори на потребите на православните верници во новата престолнина, Астана. Комплексот на катедралата не е само молитвен простор туку вклучува и духовно-културен административен центар, училиште, библиотека, простории за младински активности, а има и сместувачки капацитети за свештениците и за поклониците.

Црквата почнала да се гради во 2006 година, а официјалното осветување го извршил патријархот Кирил Први, во јануари 2010 година.
Архитектурните особености ја прават оваа катедрала импресивна: вкупната површина е над 2.000 м², може да прими до 4.000 луѓе, а висината на куполите до врвот на главниот крст изнесува околу 68 метри. Куполите се позлатени со титаниум нитрид, што дава блескав и светкав златен изглед.

Во внатрешноста се наоѓаат богата декорација, иконостас со многу икони и повеќе олтари именувани според различни свети личности: главниот олтар ѝ е посветен на Богородица, има странични олтари посветени на архангел Михаил, на светите Кирил и Методиј и на новите маченици и исповедници на верата во Казахстан.
Висината од подот до сводовите на горната црква е околу 32 метри, а до највисоката точка под куполата е приближно 44 метри. Внатре, катедралата содржи значајни уметнички и верски дела. Иконите и фреските во голем број, повеќе од 170, се изработени од уметници од Палех, Русија, познати по својата мајсторска техника и по традицијата. Главниот иконостас е величествен – широк е околу 37 метри, со централна петкатница на главниот олтар, висока околу 18 метри.
Католичката катедрала посветена на Богородица

Католичката катедрала во Астана претставува духовен и административен центар за католиците во северниот дел на Казахстан и служи како симбол на верската разновидност и на религиозната слобода во современиот Казахстан. Изградбата започнала во ноември 1995 година, а храмот бил благословен во мај 1997 година. Свеченото осветување на храмот се случило две години подоцна, во јуни 1999 година. Оттогаш, тој служи како главно место за богослужби, верски обреди и собири на католичката заедница во престолнината. Катедралата, исто така, е домаќин на значајни меѓурелигиски настани и посети, вклучувајќи ја и посетата на папата Јован Павле Втори.
Иако не е голема или импресивна по димензии како некои други катедрали во Европа, оваа катедрала се истакнува со едноставниот чист архитектонски стил и со функционалнот дизајн. Надворешноста е изведена во скромен современ стил со елементи на готика, додека внатрешноста е светла и тивка, со централен олтар и простор погоден за молитва и за духовно собирање. Минималистичкиот декор одразува скромност и духовна посветеност.
Во 2023 година, во катедралата било отворено првото светилиште во Централна Азија посветено на прогонетите христијани, што го зголемило нејзиното значење и ја поставило како место на молитва и сеќавање на жртвите од верските прогони низ целиот свет. Со ова, храмот не само што им служи на локалните католици туку и станал симбол на солидарноста и на универзалната христијанска поддршка.
Свечено отворање на Паркот на мирот и помирувањето во Астана
Пред речиси еден месец, во текот на одржувањето на Осмиот конгрес на светските и на традиционалните религии, во срцето на Астана беше свечено отворен Паркот на мирот и помирувањето – простор посветен на меѓурелигискиот и на меѓукултурниот дијалог, како и на единството на различните народи и вероисповеди. Овој парк претставува симбол на посветеноста на Казахстан кон мирот, толеранцијата и меѓусебното почитување.


Паркот се простира на површина од 83 хектари, што го прави еден од најголемите јавни паркови во постсоветскиот простор. Тој е сместен во близина на Палатата на мирот и помирувањето, како и на резиденцијата „Ак Орда“, создавајќи интегриран културно-духовен комплекс во престолнината на Казахстан.
Концептот на паркот е инспириран од симболиката на дрвото на животот, со централна купола што ги обединува народите и земјите. Четирите влеза, ориентирани кон исток, запад, север и кон југ, претставуваат еднаквост и отвореност. Во центарот на паркот се наоѓа масивен даб, чии корени го поврзуваат минатото, стеблото ја претставува сегашноста, а круната се стреми кон иднината.

Пред три години, во текот на претходниот Конгрес на лидерите на светските и на традиционалните религии, верските лидери присутни на настанот насадиле дрвца во паркот, како симбол на мирот, единството и на почитувањето. До секое дрво е поставена плоча со името на верскиот лидер што го насадил, меѓу кои е и папата Франциск, што ја нагласува важноста на меѓурелигискиот дијалог и на соработката.
Свеченото отворање беше проследено со присуство на високи официјални личности, делегати на Конгресот и други гости што ја поддржуваат идејата за меѓурелигиска хармонија.
Со отворањето на Паркот на мирот и помирувањето, Астана доби нов простор што не е само јавен парк туку и симболичко место каде што може да се сретнат различни вера и култури, да се споделат дијалог и заедничка надеж. Тој е врска помеѓу религиите, меѓу луѓето и е тестамент на идејата дека мирот се гради низ разбирање, почитување и заедничка визија.
Националниот музеј на Казахстан

Националниот музеј на Казахстан, сместен во модерна зграда со импресивна архитектура, е најголемиот музеј во Централна Азија. Отворен во 2014 година, тој го претставува културното и историско срце на Астана и на државата. Неговите пространи галерии ја раскажуваат историјата на Казахстан – од античките номадски култури и златниот човек до современата државност и развојот по независноста.

Посетителите може да видат автентични артефакти, традиционални казашки носии, оружје, накит и реконструкција на јурти, како и импресивни дигитални инсталации и мултимедијални експонати. Особено впечатлив е одделот посветен на Нурсултан Назарбаев и на формирањето на новата престолнина.
Музејот опфаќа површина од над 70.000 квадратни метри и има неколку тематски оддели, меѓу кои: археологија, етнографија, историја, уметност и независен Казахстан. Централниот хол е украсен со монументална скулптура на златниот човек – археолошки симбол на казашкото наследство. Дел од музејот е и интерактивниот детски простор, кој преку игра и едукација ги приближува младите до културното богатство на својата земја. Музејската продавница и музејската книжарница нудат сувенири и литература поврзана со историјата на Казахстан. Националниот музеј е неизбежна станица за секој што сака да ја разбере душата на оваа млада, но длабоко историска нација.
Густа населеност
Астана, што значи „главен град“ на казашки, е најсеверната престолнина во Азија и може да се смета за град на контрасти. Поради континенталната клима, температурите во Астана варираат од +40°C во лето до -40°C во зима. Сепак, овие температури не се чувствуваат премногу екстремно поради многу малата влажност на воздухот.
Старата централна зона, северно од реката Есил (десниот брег), е претежно станбена, со неколку трговски и услужни центри. Јужно од реката (левиот брег) се наоѓа новоизградената зона на градот, која брзо се развива. Таму се сместени владините и деловните згради, како и културните, спортските, забавните и трговските центри и хотелите.
Градот стана меѓународно познат во 2017 година, кога прими околу два милиона посетители во текот на светската изложба ЕКСПО 2017, чија тема беше „Енергија на иднината“. Тоа беше првата светска изложба што се одржала во Централна Азија, со учество на 120 земји, а 17-мина државни лидери присуствуваа на отворањето. Површината на Астана од 722 км² и населението од речиси еден и пол милион жители се показател за нејзината густа населеност, ако се спореди со Македонија, која има 36 пати поголема територија, а само околу 400 илјади жители повеќе од главниот град на Казахстан.
Подземно богатство – ретките руди како геополитички адут
Во срцето на евроазискиот континент, помеѓу пустините, планините и бескрајните степи, се крие богатство што би можело да ја одреди иднината на светската економија. Не, не станува збор само за нафтата и за гасот, добропознати ресурси што со децении ја одржуваат економијата на Казахстан, туку за нешто поретко, повредно и сè побарано: ретките руди.
Во време кога технолошката трка меѓу светските сили бара стабилен и сигурен пристап до критичните минерали, Казахстан тивко, но решително се позиционира како играч што нема да може да се игнорира. Под својата површина, поголема дури и од цела Западна Европа, оваа земја со само 19 милиони жители чува речиси цел периоден систем на елементи. Она што особено се издвојува се 90 % од ретките руди, кои, според експертите, ќе играат клучна улога во глобалната економија на 21 век.
Казахстанските компании веќе произведуваат 16 од 30. ретки суровини што Европската Унија ги класифицираше како стратешки во својот документ од 2020 година. Дополнителни девет минерали се потврдени во земјата – познати се резервите, но нивната експлоатација сè уште не е започната. За другите пет се знае дека постојат, но не и во какви количини.
Од стекнувањето независност на крајот од 1991 година, најбогатата земја во Централна Азија чекор по чекор го гради својот пат кон глобалното влијание, не преку агресија или конфликти, туку преку мудро искористување на она што ѝ го подарила природата во изобилство. Со геополитичката стабилност, амбициозните инвестициски планови и со сè поголемиот интерес од Европската Унија, Кина и од САД, Казахстан денес не е само мост меѓу Истокот и Западот туку и потенцијален клуч на глобалната технолошка транзиција.
Казахстан — најголемата земја без излез на море
Казахстан е најголемата земја во Централна Азија, која се граничи со Русија, Кина, Киргистан, Узбекистан и со Туркменистан, како и со Каспиското Езеро. Таа е деветтата најголема држава во светот, со површина од 2.724.900 км², што ја прави приближно со големина на Западна Европа. Воедно, Казахстан е најголемата држава во светот што нема излез на море. Со должина од 7.591 километар, копнената граница со Русија е втората најдолга копнена граница во светот (по границата меѓу САД и Канада) и најдолгата континуирана граница. Ова растојание е приближно еднакво на растојанието од Њујорк до Истанбул (8.069 км).
Од север кон југ, Казахстан се протега на 1.700 км, а од исток кон запад – на повеќе од 3.000 км.
Населението на Казахстан изнесува повеќе од 20 милиони луѓе, со просечна густина на населеност од 7,5 жители на км². Главна етничка група се Казахстанците, кои сочинуваат над 70 % од населението. Другите 30 % се состојат од: Руси (15,2 %), Узбеци (3,3 %), Украинци (1,9 %), Ујгури (1,4 %), Германци (1,2 %), Татари (1,1 %), Азербејџанци (0,8 %), Корејци (0,6 %), Турци (0,5 %), Белоруси (0,4 %), Киргизи (0,2 %), Полјаци (0,2 %), Ерменци (0,1 %) и други народности.
Околу 70 % од населението се сунитски муслимани, а 26 % се христијани, меѓу кои православни, католици и протестанти. Преостанатите 4 % се припадници на други религии, атеисти или не го навеле своето верско убедување. Казахстан е етнички и религиски многу разновидна земја, со над 120 етнички заедници и со околу 4.000 религиски организации кои претставуваат 18 верски религиски групи.
Виолета СТОИМЕНОВА-НАУМОСКА