За изборната трка за скопски градоначалник на октомвриските избори се доставени вкупно 17 кандидатури, а не 18, како што соопшти во неделата Државната изборна комисија. Потврда за ваквата корекција весникот ВЕЧЕР доби од Изборната комисија на Град Скопје откако забележа дека на објавената листа на кандидати од страна на ДИК во недела, 14 септември, со 18 подносители на листи се наоѓа и партијата МААК, која нема свој градоначалнички кандидат. Лидерот на оваа партија, Страшо Ангеловски, вчера ни потврди дека тие немаат свој кандидат за скопски градоначалник, туку само имаат поднесено листа на советници за градскиот Совет.
– Ние сме дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа го поддржуваме кандидатот Орце Ѓорѓиевски. Значи, немаме наш кандидати и, најверојатно, се работи за грешка и превид на надлежната градска Изборна комисија – ни изјави Ангеловски.
Во објавеното соопштение на ДИК и од листата на поднесени кандидатури за градоначалник на Скопје се гледа дека името на партијата МААК е ставено меѓу оние што имаат свој кандидат. Наведено е и дека со неа има вкупно 18 кандидати.
Но, дека тоа не е реален број, вчера ни потврдија и од Изборната комисија на Град Скопје. На нашето новинарско прашање околу непостоењето кандидат од редовите на МААК, тие ни одговорија дека се случила грешка.
– При внесувањето на листата за советници за МААК, се случи системска грешка, која потоа брзо беше исправена. Политичката партија МААК има поднесено листа само за советници на Град Скопје – објаснија од Комисијата.
Со тоа, сега официјално вкупно се поднесени 17 листи за кандидати за избор на градоначалник на Град Скопје. Во дописот на ГИК до весникот ВЕЧЕР, наведени се и имињата на сите поднесени кандидатури. Тие се: Драган Николовски, предложен од група избирачи Драган Николовски; Сашо Маневски предложен од група избирачи Сашо Маневски; Зоран Јовановски предложен од Единствена Македонија; Горан Марковски предложен од група избирачи Горан Марковски; Амар Мециновиќ предложен од политичката партија Левица; Орце Ѓорѓиевски предложен од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ; Демир Исмаили предложен од Сојузот на Ромите; Александар Рашковиќ предложен од ТМРО; Владимир Куновски предложен од Работничката партија; Александар Тортевски предложен од Твоја партија; Срџан Амет предложен од Унијата на Роми; Александар Трајановски предложен од коалицијата „Искуство за успех“ предводена од ЛДП и од ГРОМ; Вангел Божиноски предложен од Родина Македонија; Башким Бакиу предложен од Коалицијата „Вреди“, Скендер Реџепи предложен од коалицијата НАИ предводена од ДУИ; Каја Шукова предложена од „Коалиција за локални избори 2025“ предводена од СДСМ. Кандидатот, пак, предложен од Македонска ера/Македонски независни листи – суверенисти Владимир Трајковски вчера ни изјави дека неговата кандидатура е одбиена поради задоцнетото поднесување на документите.
-Документите ги доставивме во понеделник изутрина а не во недела до полноќ. Времето го изгубивме оти долго го баревме седиштето на Градската изборна комисија на Скопје. Не верувам дека ќе се жалиме оти не сум сигурен дека ќе ни се прифати жалбата – ни рече Трајковски.
Со тоа, во трка за градоначалничка функција ќе влезат најмногу 16-мина, ако на сите кандидати им се прифатат апликациите.
Откако се поднесени кандидатурите, надлежните изборни комисии ги проверуваат и на предлагачите им се дава рок за отстранување на неправилностите, по што се утврдува конечната листа на кандидати. Со 17 поднесени кандидатски листи, Скопје е водечки град во земјава во однос на бројот на кандидати. Во Охрид има единаесетмина кандидати, во Прилеп десетмина, во Струга деветмина, во Битола осуммина кандидати… Најмногу советнички листи, освен во Скопје (20), се поднесени во Битола – 16, во Охрид и во Штип по 11, во Струга, Прилеп, Лозово по 10…
Редоследот на листите ќе биде утврден со ждрепка што ќе ја одржи ДИК најдоцна на 25 септември. Утврдените листи ќе бидат објавени најдоцна 23 дена пред изборите, а во општините каде што над 20 отсто од граѓаните зборуваат друг службен јазик, тие ќе бидат објавени и на тој јазик. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Ќе се гласа на 3.480 избирачки места
Државната изборна комисија вчера попладне, на својата веб- страница, ќе ги објави описите на 3.480 избирачки места за локалните избори 2025, закажани за 19 октомври 2025. Општинските изборни комисии (ОИК), исто така, ќе ги објават описите на избирачките места. Како што беше нагласено на вчерашната седница, в понеделник започнува обуката на избирачките одбори за изборите, за што беше усвоен план за работа. На седницата се донесени шест обрасци за работата на општинските изборни комисии.
Членовите на Комисијата ги прифатија барањата за набљудување на изборите, и тоа за 24 лица од ОДИХР, како и за пет лица предложени од Агролидер Кривогаштани. На седницата, исто така, беа прифатени 24 барања за изземање членови на ОИК, а потоа беше извршен случаен избор.