Многу популарната српска пејачка, Весна Змијанац, од здравствени причини мораше да ги откаже сите свои концерти, меѓу кои и неколку во Македонија. Со тоа им се става крај на шпекулациите дека таа нема комплетна дозвола (“папирологија“), па затоа нема да пее во Македонија.
– По сите оние непријатни случувања со Аца Лукас, Џејла Рамовиќ и со уште некои, сега на тапет е и Весна. Но, жива вистина е дека таа има проблеми со здравјето, па затоа нема да настапува – велат нејзините најблиски.
Весна е веќе седум дена хоспитализирана во Ургентниот центар. Задржана е на коронарното одделение поради влошената општа состојба. Има сериозни проблеми со срцето и со притисокот. Докторите одлучиле да го продолжат нејзиниот болнички престој, бидејќи резултатите од испитувањата биле незадоволителни. Засега нема ништо од тоа дека ќе биде пуштена од болница. Се зборува дека би можела да ја пречека дури и Нова година во болничка постела. Здравјето ѝ е на прво место, па самата вели дека докторите ќе одлучат за тоа.
Змијанац побарала лекарска помош пред десетина дена, поради општа слабост на организмот. Чувствувала неподнослива премаленост и имала трпнење на левата рака. По забележаните промени на ЕКГ, таа била итно пренесена и задржана во Ургентниот центар. Пејачка сега вели дека по примените терапии, се чувствува подобро. Сепак, тоа е далеку од најдобро, што би ѝ овозможило да има концерти и комуникација со обожавателите. Така што популарната Веки и понатаму останува под постојан строг надзор на искусниот лекарски тим во болницата во Белград. (Д. М.)












