Претставата „Госпоѓа министерка“ на Велешкиот театар, на 24 септември, во Центарот за култура Куманово, ќе го отвори фестивалот „Денови на комедијата 2025“, а публиката до 10 октомври ќе може да види уште десет театарски претстави од повеќе македонски театри и од театри од регионот. Во пресрет на фестивалот, разговараме со директорот на Центарот за култура Куманово, Сашо Тодоровски околу годинешното издание, но и за активностите кои Центарот ќе ги има периодов

Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово периодов течат подготовките за меѓународниот фестивал „Денови на комедијата 2025“, кој оваа година ќе се одржи по 28. пат. Отворањето на фестивалот е закажано за 24 септември во 20:00 часот, во голема сала на Центарот за култура Куманово. На отворањето, на актерката Весна Петрушевска ќе ѝ биде врачена наградата „Васил Иљоски“, која се доделува за особен придонес во театарската уметност, особено во делот на комедијата. Одлуката наградата оваа година да ѝ припадне на актерката Петрушевска е на Советот на фестивалот во состав: Сања Русеска, Владанка Крстевски, Крсто Богојевски, Александар Крстевски, Сефедин Шабани и Сашо Тодоровски.

Претставата „Госпоѓа министерка“ на Велешкиот театар ќе го отвори фестивалот, а следните денови публиката ќе може да види уште десет театарски претстави од повеќе македонски театри и од театри од регионот. На програмата се и: МНТ – Скопје со „Бог на колежот“; Театар Комедија – Скопје со „Долна дупка“; Театар Струмица со „Петок 13“; Театарот од Прешево, Србија, со претставата „Едно предавање“; театрите од Крагуевац со претставата „На трагот“; Театар Пирот од Србија со претставата „Покондирена тиква“; Театар Битола со „Рибарски каранции“; Сатиричен театар Софија со „Постојаната сопруга“. Како и секоја година, Театар Куманово ќе го затвори фестивалот, овој пат со претставата „Разбуди се Тина“ во режија на Драгана Таневска, која премиерно ќе биде одиграна на 9 октомври, но и ден потоа, 10 октомври, при доделувањето на фестивалските награди.

Од претходно издание на „Денови на комедијата“

– Годинава, МТФ „Денови на комедијата 2025“ го има своето дваесет и осмо издание, и тоа е фестивал што со воодушевување се дочекува во Куманово. Кога имате фестивал во вашиот град што постои толку години, секако дека создава генерации и генерации што емотивно се поврзани со него. Освен повозрасна публика, среќни сме што последниве години имаме и помлада, нова публика, а тоа е добар знак дека ќе живее фестивалот и понатаму и ќе придонесува за Куманово да стане центар за жанрот комедија на културната сцена во Македонија. Би истакнал дека секоја година, освен посетители од Куманово, имаме и гости и од околните градови, кои сакаат да бидат дел од магијата, полните сали и енергијата што се чувствува на фестивалот. Посетеноста на фестивалот е голема, салите се исполнети до последното место на сите десет или единаесет претстави, секогаш се бара билет повеќе и со право можам да кажам дека овој фестивал го носи епитетот најпосетен театарски фестивал во Македонија – вели за весникот ВЕЧЕР директорот на Центарот за култура Куманово, Сашо Тодоровски.

Како што додава тој, во текот на септември, Театар Куманово започнал и со подготовка на театарска претстава во режија на Јане Спасиќ, „Сакатиот од Инишман“, текст на Мартин Мекдона.

– Тоа е претстава што е од годишната програма на Театар Куманово, поддржана од Министерството за култура и туризам. Премиерата се очекува кон средината на ноември, а, исто така, и албанската драма при Театар Куманово ќе ги започне подготовките за својата втора претстава оваа година. Тоа ќе биде дуодрама, во режија на Куштрим Бектеши – истакнува Тодоровски.

Во разговорот нè информираше дека активно работи и Центарот за култура Куманово, при што во периодот што следува на програмата ќе има детски ликовни работилници, изложби од годишната програма, промоции на книги и концерти.

– Тука би сакал да ја најавам традиционалната изложба „СКИЦИ Куманово 2025“, која ќе се одржи во ноември, во фоајето на Центарот за култура Куманово. Претходно ќе бидат отворени четири изложби, меѓу кои се и на Боро Арсовски, Бабата и на Мики Трендафиловски, кои се од годишната програма и една изложба што е од сопствената продукција на Центарот за култура Куманово – гостување од Република Србија, на уметникот Филип Цветковиќ Aпис арт – вели Тодоровски.

Додаде дека Театар Куманово е селектиран и на меѓународниот фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес, каде што треба да настапи со претставата „Калигула“ во режија на Ѓорѓи Ризески, при крајот на октомври, а на 29 септември ќе гостува на фестивалот „Јоаким Крчовски“ во Крива Паланка, со претставата „Не сакам да платам, не можам да платам“ во режија на Владимир Николовски. Со таа претстава „Не сакам да платам не можам да платам“, Театар Куманово неодамна настапи и во Свети Николе, што е дел од соработката што ја има со центрите за култура и со градовите каде што нема оформени театри. Во преговори се, исто така, и за гостување со претстава за деца во Гевгелија, во октомври, по повод Гевгелија – Град на култура за 2025 година.

– Би сакал да напоменам дека очекуваме периодов да заврши и јавната набавка за реконструкција и адаптација на зградата на Театар Куманово. Распишана е повеќегодишна јавна набавка и кога ќе заврши, за неколку дена ќе се пристапи кон потпишување договор доколку фирмата што се пријавила ги исполнува условите. Досега, во врска со реализацијата, во Театарот се направени следниве работи: во економскиот дел од Театарот е поставена внатрешна, пластична столарија; малтерисани се деловите на горниот кат; поставени се керамички плочки и санитарија во тоалетите. Поставени се рампи крај влезот и излезот на Театарот, со што е овозможена достапност на претставите и за ранливите категории и за лицата со посебни потреби. Воедно, нив ги обвиткавме во природен амбиент, кој толку многу недостигаше во заедничкото пацио, во заедничкиот внатрешен дел. Се трудиме, професионално, со интервенциите да ја коригираме видливоста во салата, која не беше според прописите. Со вградувањето лифт се овозможи достапност до галеријата и на пензионерите, кои потешко ги совладуваат висините и на лицата со посебни потреби. Со тоалетот за посебни потреби овозможивме дополнителна удобност за лицата со посебни потреби. Порано актерите од двата ансамбла користеа иста гримиорна, која беше и сала за читачки проби. Сега, со копањето внатрешно во Театарот, во високиот простор извадивме уште едно ниво и направивме одделни гримиорни за женски и за машки со тоалети, сето тоа достојно, со цел да се подобрат условите за излез на сцената и да им се овозможи достоинствено да се подготват за актерската игра. Во сутеренот оформивме остави и простории за техничкиот персонал со тоалети. Оформивме одделна сала за читачки проби и чајна кујна. За оваа последна фаза се предвидени сите преостанати работи за целосно завршување на објектот, а тука спаѓаат покривната конструкција, дел од електричната инсталација, термотехниката заедно со клима-комората, уредување на гледалиштето, сцената и сценските технологии заедно со акустиката и комплетно ентериерно и екстериерно уредување. Обезбедени се финансиски средства во висина од 144 милиони денари, од Министерството за култура на РСМ и очекуваме дека до крајот на 2026 година ќе бидат завршени сите работи во зградата на Театарот доколку не се појават некои непредвидени градежни работи – посочи Тодоровски. (Н.И.Т.)

Легенда:

ИЗДВОЕНИ