Во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кое поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, заедно со уште двајца онколози, е обвинет за несовесно лекување пациенти. На рочиштето сведочеше словенечкото вешто лице Маја Равник, која ги образложуваше медицинските наоди и применетите терапии кај повеќе пациенти.
Равник посочи дека кај една пациентка биле заведени три дијагнози, со истовремено лекување на рак на ректум и рак на дојка, без јасна потврда која болест била активна. Според неа, во вакви случаи е неопходно со дополнителни биопсии и молекуларни анализи да се утврди дали станува збор за прогрес на примарен рак, втор примарен рак или метастази, бидејќи тоа е клучно за изборот на соодветна терапија.
Вештакот истакна дека кај дел од пациентите била воведена имунотерапија без претходна молекуларна анализа, што, како што рече, е спротивно на онколошките стандарди и во конкретни случаи довело до прогресија на болеста и влошување на здравствената состојба. Во сведочењето беа наведени и примери на примена на лекови без индикација за конкретниот тип карцином, како и давање хемотерапија во крајна фаза на болеста.
Одговарајќи на прашања на Обвинителството, Равник оцени дека во најголем дел од анализираните случаи терапијата не била соодветна.
Одбраната на првообвинетиот, преку адвокатот Боби Спирковски, реагираше на методологијата на словенечкото вештачење, оценувајќи дека дел од заклучоците се спротивни на принципите на медицинското и правното вештачење. Тој посочи дека не смее ретроспективно да се оценува терапија врз основа на исходот, односно датумот на смртта на пациентот, бидејќи лекарот не може да предвиди кога ќе настапи смртта.
Спирковски нагласи и дека вештачењата мора да се темелат на националните протоколи и законската регулатива, а не исклучиво на европски или светски стандарди. Судењето продолжува со доказната постапка.












