Вештачката интелигенција создава милијардери со најголема брзина во последните сто години

189

Стартап-компаниите за вештачка интелигенција (ВИ) создадоа десетици нови милијардери оваа година, придонесувајќи за бумот на ВИ, кој бргу се претвора во најголем бран на создавање богатство во поновата историја.

Моментно постојат 498 „еднорози“, односно приватни компании за вештачка интелигенција, со вредност од една милијарда долари или повеќе. Нивната вкупна вредност е 2,7 трилиони долари, според ЦБИ Инсајтс. Дури сто од нив се основани од 2023 година. Исто така, постојат повеќе од 1.300 стартапи за вештачка интелигенција, проценети на повеќе од 100 милиони долари.

Во комбинација со растечките цени на акциите на компании како „Нвидија“, „Мета“, „Мајкрософт“ и други јавно тргувани фирми поврзани со вештачка интелигенција, со  инфраструктурните компании кои градат центри за податоци и компјутерска моќ, како и со големите исплати на инженери за вештачка интелигенција, ВИ создава лично богатство во мерка што ги прави претходните две технолошки револуции само загревање, објавува „Cи-ен-би-си“.

– Гледајќи ги податоците во последните 100 години, никогаш не сме виделе создавање богатство од ваков обем и брзина. Ова е без преседан, рече Ендру Мекафи, главен истражувач на МИТ.

Нова генерација милијардери расте со вртоглавите вредности на стартапите, пренесува НИН. Во март, „Блумберг“ процени дека четирите најголеми приватни компании за вештачка интелигенција создале најмалку 15 милијардери со вкупна нето-вредност од 38 милијарди долари. Оттогаш, прогласени се уште преку десет „еднорози“. На пример, Мира Мурати, која ја напушти „Опен АИ“ минатиот септември, ја лансираше „Тинкинг машинс лаб“ во февруари. До јули, таа собра две милијарди долари во најголемата, таканаречена „сид рунда“ (почетна фаза) во историјата, со што компанијата доби вредност од 12 милијарди долари, според извештаите. Компанијата „Енисфер“ беше проценета на 9,9 милијарди долари во рундата на финансирање во јуни, а само неколку недели подоцна, наводно, му е понудена процена помеѓу 18 и 20 милијарди долари, што веројатно го прави нејзиниот 25-годишен основач и извршен директор, Мајкл Труел, милијардер.

Секако, поголемиот дел од богатството создадено во индустријата за вештачка интелигенција се наоѓа во приватни компании, што им отежнува на основачите и акционерите да ги монетизираат своите инвестиции. Сега „Опен АИ“ преговара за секундарна продажба на акции за да им даде на вработените пристап до готовина. Предложената вредност на компанијата од 500 милијарди долари доаѓа по финансирањето во март, кога беше проценета на 300 милијарди долари.

ИЗДВОЕНИ