Вештачката интелигенција (ВИ) може да открие рак на белите дробови неколку месеци однапред користејќи само основни податоци од медицинската анализа на општ лекар, објавија денеска холандските медиуми.
Истражувачите од Универзитетскиот клинички центар во Амстердам денеска објавија во British Journal of General Practice дека општите лекари ќе можат да откријат рак на белите дробови четири месеци порано од претходно со помош на вештачка интелигенција, пренесува порталот NL Times.
„Вештачката интелигенција препознава таканаречен предвидлив сигнал во медицинската историја на пациентите“, објаснуваат истражувачите од Универзитетскиот клинички центар во Амстердам.
Амин Абу-Хана, професор по клиничка информатика и ко-истражувач, вели дека понатамошното истражување ќе покаже точно на кои податоци работи алгоритмот пред да може да се примени во пракса и посочува дека за оваа студија се користени податоци од 525.526 пациенти во Амстердам, Утрехт и Гронинген, пренесува Танјуг.
Научниците нагласија дека минатите истражувања за дијагностика на рак на белите дробови покажале дека шансите за преживување се зголемуваат ако третманот се започне најмалку четири недели порано.