Вештачката интелигенција ги зема работните места – сега успешни се компаниите што отпуштаат работници

22

„Мајкрософт“ отпушти повеќе од 15.000 работници оваа година, вклучувајќи 9.000 само во јули. Тоа се околу седум проценти од глобалната работна сила на компанијата. Фрчат откази и покрај кварталниот раст на профитот за речиси 25 проценти и пазарната вредност, која надмина четири трилиони долари. Извршниот директор Сатја Надела вели дека „Мајкрософт“ бележи голем напредок, но паралелниот бран отпуштања го поставува прашањето за иднината на трудот во ерата на вештачката интелигенција, пишува „Фајненшл тајмс“.

Улогата на вештачката интелигенција во корпоративното реструктуирање станува подиректна. Компаниите повеќе не се задоволуваат со тоа да создаваат повеќе со помалку луѓе. Тие сега се подготвуваат за време кога едноставно повеќе нема да бидат потребни многу работни места, констатира уредничката на ФТ, Анџла Равал, во својата анализа. Иако бизнис-лидерите тврдат дека вештачката интелигенција ги „редизајнира“ работните места, бројките кажуваат друго. Ако во минатото отпуштањето се сметаше за нужно зло, денес на него се гледа како на знак на напредок. Па така, еден стартап акцелератор ја промовира идејата дека може да се изгради успешна компанија само со неколкумина вработени.

Коосновачот на „Опен АИ“, Сем Алтман, предвиде дека наскоро би можело да има компанија од милијарда долари водена од само едно лице. Иако засега звучи футуристички, големите јазични модели како „Чет-ГПТ“, „Гемини“ и „Грок“ веќе го менуваат пазарот на трудот, особено кај канцелариските работни места. Многу позиции се укинуваат бидејќи, како што наведуваат компаниите, „задачите на тие вработени повеќе не постојат“. „Фајненшл тајмс“ го наведува примерот на голема ревизорска фирма што, со помош на вештачката интелигенција, го намалила времето потребно за креирање извештај за 75 проценти и ослободила 3.600 часа аналитичка работа. Вработувањето програмери, исто така, нагло забавува. Исчезнуваат цели слоеви на пониски позиции, а почетниците и практикантите се најпогодени. Според ФТ, сè повеќе исчезнуваат и работните места во средниот менаџмент. Сè повеќе се доведува во прашање и вредноста на универзитетските дипломи, а кариерните патеки стануваат сè „поискривени“ и нелинеарни. Фриленсерството и краткорочните ангажмани дополнително го фрагментираат пазарот на трудот.

Помалку луѓе значи пониски трошоци и побрзи перформанси, но тоа може да значи и помала отпорност на шокови – од нарушување во синџирите на снабдување до егзодус на експертите. Пример за тоа е шведската компанија „Кларна“, која отпушти илјадници вработени, но сега го тестира враќањето на луѓето во поддршката на клиентите, затоа што системите за вештачка интелигенција не успеаја да комуницираат со клиентите во реалниот живот.

Технолошките претприемачи што промовираат компании со минимален број вработени, потценуваат колку, всушност, се засноваат деловните процеси и корпоративната култура на човечките односи и интеракции. Иако вештачката интелигенција навистина може да ги преземе рутинските задачи, би требало повторно да научиме да го цениме она човечкото – од креативноста и емоционалната интелигенција до сложеното расудување, се наведува во анализата на „Фајненшл тајмс“.

ИЗДВОЕНИ