Ова е трета новоотворена градинка во изминативе четири години, а истовремено се градат уште две, во населбите Расадник и Потстаница. Новата детска градинка „Верверичка“, која е со капацитет за згрижување на 125 деца. Станува збор за модерен и функционален објект со површина од 525 квадратни метри, со шест занимални
Во Општина Кисела Вода денеска беше пуштена во употреба новата детска градинка „Верверичка“, која е со капацитет за згрижување на 125 деца. Станува збор за модерен и функционален објект со површина од 525 квадратни метри, со шест занимални.
Инвестицијата е на Општина Кисела Вода, но и донација од шест милиони денари од Комерцијална банка.
На официјалното пуштање во употреба заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, истакна дека како ресорно Министерство работат на постојано напредување на системот за детска заштита.
– И затоа во фокусот ни е на детската заштита и на демографијата. Ги поврзувам овие две работи од единствена причина што секој родител денес, во Општина Кисела Вода, во Скопје и во Македонија, има право да работи, да биде ангажиран и дечињата да си ја најдат својата среќа во ваквите објекти што ги градиме ние – истакна Велковски.
Според него, за една година, во сите објекти што ги очекуваат до крајот на годинава, 15 низ цела Македонија, но и уште многу други што ќе бидат отворени во текот на 2026 година, листата на чекање од 4.000 дечиња ќе биде сведена на нула.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски наведе дека „Верверичка“ е трета новоотворена градинка во изминативе четири години откако тој ја води Општина Кисела Вода, а истовремено се градат уште две, во населбите Расадник и Потстаница. Нагласи дека е извршена доградба и на пет други градинки.
– Наследената листа на чекање за прием на деца во градинките која на почетокот од мојот мандат броеше 450 деца во двете градинки на наша територија, сега брои 20, но согласно со дадените ветувања и динамиката на работа, веќе е извесно дека целосно ќе биде решен ваквиот проблем во Кисела Вода – истакна Ѓорѓиевски.
Отворањето на „Верверичка“, според него, значи и официјално затворање на листата во рамките на ЈДГ „Весели цветови“, која на почетокот од неговиот мандат броела 180 деца.
Маја Стевкова-Штериева од Комерцијална банка, посочи дека ова е една од нивните најомилени донации со кои го одбележуваат јубилејот 70 години постоење.
– Особено сме горди за нашиот придонес за подобра грижа и за повесели денови на секое дете, бидејќи токму тоа е највредната инвестиција во нашата иднина. Можноста да придонесеме за развојот на децата и за нивното весело детство на посебен начин, ги топли нашите срца. Денес, со голема радост можеме да го видиме резултатот и да се радуваме на детските насмевки што ќе ја исполнат градинката во годините што доаѓаат – рече Стевкова-Штериева.
Се очекува „Верверичка“ да го добие на решението од Министерството за социјална политика, за официјално да почне со згрижување на деца.