Атанас Петров продолжува да чекори по својот интересен музички пат. Сега со новата песна „Манири“, композиција која носи ретко освежувачки ритам. Има и редок современ поп-звук. По емотивната балада испеана на српски јазик „У теби чувам све“ и првата авторска песна „Сад ме молиш“, оваа „Манири“ ја заокружува неговата досегашна дискографија со целосна и продукциска зрелост.
Песната е резултат на соработка со докажаниот тим. Музиката и текстот се дело на Емел Франца и Демир Исиќ, додека аранжманот го потпишуваат Кристијан Јовановиќ и Срки Бој. Видеото е снимено на урбаните локации во Атина, Грција, и носи визуелна енергија која совршено кореспондира со атмосферата на песната. Сè е под режисерска палка на Алекс Тасевски. Како и претходните две песни и оваа е реализирана во креативна симбиоза со Емел Франца, со кого Атанас гради уметнички континуитет.
Инаку, тој од мали нозе е посветен на музиката, инспириран од семејна традиција и воден од природен талент.
Атанас започнува со свирење уште на шестгодишна возраст. Публиката го препозна како вокал кој ја пренесува емоцијата искрено и длабоко. Со години активно настапува на живи свирки низ клубовите, постојано градејќи контакт со слушателите со сопствен сценски идентитет.
-Музиката е моја трајна определба, мојата мисија и љубов што ја делам со публиката. Верувам во Бог и во тоа дека трудот секогаш се исплаќа. ‘Манири’ е само нов почеток на една поголема приказна што допрва ја пишувам со моите обожаватели, вели искрено Петров.