Во последните денови се шпекулираше дека Макс Верстапен би можел да се пресели во Мерцедес откако возачот на германскиот тим, Џорџ Расел, изјави дека неговите преговори за продолжување на соработката се под влијание на обидите на тимот да го ангажира Холанѓанецот.
Недолго потоа, директорот на Мерцедес, Тото Волф, потврди дека преговара со Верстапен околу негов ангажман. Верстапен има договор со Ред бул до 2028 година, но во договорот има клаузула што му дозволува да го напушти тимот порано.
На прес-конференцијата пред „Силверстон“, пред Големата награда на Велика Британија, Верстапен беше прашан дали може да замисли да вози за друг тим.
- Ќе кажам не, бидејќи ако кажам да, луѓето ќе измислуваат наслови, а јас не го сакам тоа. Секогаш му велев на тимот дека би било идеално, а мислам дека и тој мисли така, да ја завршам мојата кариера во Формула 1 со еден тим. Мислам дека тоа би било нешто неверојатно и тоа е она што сè уште се обидуваме да го постигнеме – истакна Верстапен, а објави „Скај спортс“.
Холанѓанецот освои четири последователни титули со Ред бул, а моментално е трет во генералниот пласман, зад Оскар Пјастри од Мекларен, кој има 61 бод повеќе. Пјастри има 15 бода повеќе од тимскиот колега, Ландо Норис.
Ред бул заостанува зад своите конкуренти оваа сезона, а Верстапен беше прашан дали е среќен во Ред бул.
- Мислам дека тоа е приказна за животот, бидејќи секогаш можеш да видиш дека тревата е позелена од другата страна, така велат, нели? Мислам дека секогаш треба да останеш смирен и да уживаш во она што го правиш, бидејќи досега имав многу успеси. Оваа сезона, можеби, не е она што го сакаме како тим, но може да се случи тоа. Понекогаш едноставно мора да се обидеш да го прифатиш тоа. Потоа, секако, луѓето измислуваат повеќе приказни, но тоа не е за мене. Знам што имам, знам што можам да направам и тоа е во ред – додаде 27-годишниот холандски возач.
Исто така, беше прашан дали си должи себеси да се обиде да вози во најбрзиот болид на патеката.
- Во Формула 1 секогаш е тешко да се обидеш да бидеш во најбрзиот болид, бидејќи тогаш мора да гледаш кон иднината. Кој можеше да знае пред две години дека сега ќе биде вака? Не се фокусирам премногу на тоа. Мислам дека единствениот фокус во моментов е да се обидеме да ја подобриме ситуацијата – одговори Макс.
Шампионатот во Формула 1 продолжува со тркачкиот викенд во „Силверстон“, а Големата награда на Велика Британија се вози в недела, во 16:00 часот.