Макс Верстапен повторно покажа апсолутна доминација и стигна до четвртата победа во сезоната во Формула 1. Тој имаше совршен викенд во Азербејџан, изедначувајќи се со Луис Хамилтон по бројот на гренд слем победи.
На улиците на Баку, Холанѓанецот започна од пол-позицијата и беше недопирлив од првиот до последниот круг. На крајот, триумфираше со предност од 14 секунди пред конкуренцијата.
Со овој триумф, тој го оствари шестиот гренд слем во својата кариера. Тоа, во Формула 1, значи победа од пол-позицијата, водење во секој круг и постигнување на најбрзиот круг на трката.
Легендата Џим Кларк го држи рекордот со осум гренд слема, освоени од 1962 до 1965 година, додека возеше за Лотус.
На моменталната сцена во Ф1, Верстапен сега се изедначи со Луис Хамилтон – двајцата имаат по шест гренд слема.
Првиот гренд слем на Верстапен беше во 2021 година, на австриското гран-при, сезона во која ја освои својата прва титула. До вториот дојде во 2022 година, на „Имола“, на трката за Големата награда на Емилија Ромања. Во текот на 2023 година, тој освои два гренд слема: во Шпанија и во Катар. Петтиот беше на отворањето на сезоната 2024 во Бахреин. А најновиот, шести, штотуку пристигна во Баку, со што сега има два гренд слема помалку од рекордерот Кларк.
- Овој викенд беше неверојатен за нас. Монца веќе беше одлична, но да се победи тука е фантастично. Автомобилот работеше одлично на двете соединенија на гумите. Секогаш имавме чист воздух, можевме да ги зачуваме гумите и сè помина непречено. Никогаш не е лесно тука, денес беше многу ветровито, па болидот беше потежок за управување. Многу сум задоволен од овој настап – порача Верстапен по трката.
Со победата, тој ја намали разликата во генералниот пласман на 69 бода зад лидерот Оскар Пјастри, на седум трки до крајот на сезоната. Инаку, Пјастри не ја заврши трката, но неговиот најголем конкурент и тимски колега, Ландо Норис, дојде до седмото место. Сега разликата меѓу нив изнесува 25 бода.